Откако Кристијан Пулишиќ постави нов рекорд за Челси, како најмлад стрелец на хет-трик во првенствен меч, Европската фудбалска унија (УЕФА) состави листа на американски фудбалери што оставиле најсилен печат во куповите на УЕФА. Така, Јован Кировски, фудбалер роден во Калифорнија, но со македонско потекло, е првиот фудбалер од САД што настапил во Лигата на шампионите (ЛШ) на Европа, на 16 октомври 1996 година за Борусија Дортмунд (победа на гости кај Атлетико Мадрид, со 1-0).

Таа сезона Борусија освои титулата, а Кировски е единствен фудбалер од САД со европска титула и прв што играл во меч од Суперкупот на УЕФА (во 1997 година со Борусија Дортмунд, против Барселона). Од другите, Дамаркус Бизли (ПСВ Ајндховен и Глазгов ренџерс) и Џермејн Џонс (Баер и Шалке), со по 27 меча, имаат најмногу настапи во ЛШ (Пулишиќ засега има 23, за Борусија и за Челси), Бизли е најефикасен со шест гола, голманите Бред Фрајдел (Ливерпул, Блекбурн, Астон вила и Тотенхем) и Тим Хауард (Манчестер јунајтед и Евертон) имаат најмногу настапи во европските купови, по 40, а Клинт Демпси (Фулам, Тотенхем) е најефикасен во куповите на УЕФА со седум погодока.

Прв тренер од САД што водел тим во ЛШ е Џеси Марш, актуелен кормилар на Салцбург. Тој дебитира во ЛШ на 17 септември годинава на дуелот на австрискиот првак со Генк. Претходно тој беше помошник-тренер во германски Лајпциг.