Првите луѓе на администрациите на Белата куќа и на Кремљ, претседателите Џо Бајден и Владимир Путин, на самитот во Женева, кој треба да се одржи на средината од следниот месец, според најавите, ќе разговараат за проблематични светски теми, како развојот на руско-американските релации, контрола на глобалното вооружвање, климатските промени, но и корона-кризата

Бајден и Путин ја договорија првата претседателска средба за две недели во Женева

Претседателите на САД и на Русија, Џо Бајден и Владимир Путин, за нешто повеќе од две недели, поточно на 16 јуни, ќе се сретнат на самитот во Женева, првпат од самиот почеток на мандатот на администрација на американскиот претседател. Иако протоколот од самитот во Швајцарија веќе е договорен на состанокот што неодамна се одржа меѓу советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливен, и неговиот руски колега Николај Петрушев, деталите, темите за што ќе се разговара меѓу претседателите на САД и на Русија на големо ја подгреваат атмосферата во светската експертска јавност. Американскиот магазин „Нешенел интерест“ пишува дека самитот на двајцата политички лидери ќе следува по состанокот на групата Г7 што оваа година се одржува во Британија, како и по конференцијата на НАТО во Брисел, на која американскиот претседател Бајден, првпат по изборот, ќе се сретне и ќе разговара со своите сојузници. Според магазинот, ваквиот развој на работите ќе му овозможи на Бајден да се обезбеди со информации и со сознанија од политичките партнери, пред да се сретне со Путин. Според Белата куќа, на самитот ќе бидат опфатени сите „горливи прашања“, но ќе стане збор и за настојувањето на Вашингтон да има со Москва, како што се вели, предвидливи, усогласени и стабилни односи.

Уште од сега се знае дека има многу работи за кои американскиот и рускиот претседател ќе зборуваат, пред сѐ, за корона-кризата, контролата во вооружувањето и климатските промени, но и за руската воена интервенција во Украина, како и за руските активности во хакирањето, вклучувајќи го и она последното, од 2020 година на компјутерската мрежа на администрацијата на САД, па сѐ до случајот на Алексеј Навални, поврзан со неговото труење и апсење.
– Само овие теми навестуваат еден жесток и тврд самит, уште повеќе што тој доаѓа по размената на остри зборови меѓу двајцата лидери, откако Бајден е во Белата куќа и откога билатералните односи се означуваат како тензични. Колку за потсетување, Бајден во едно интервју, во март, го нарече Путин „убиец“, додека тој од Москва му возврати со циничната порака да го послужи здравјето алудирајќи на возраста на Американецот, кој е десет години постар од рускиот претседател. Сево ова навестува дека ќе има тензична атмосфера на средбата, а резултатите допрва ќе ги видиме – пишува магазинот „Нешенл интерст“.

Во една ваква атмосфера и американските и руските аналитичари не очекуваат кој знае какви резултати од самитот, особено кога станува збор за најболните теми, како што се состојбите во и околу Украина, или околу Навални, како и за хакирањето што руската страна постојано го демантира. Москва е гневна за најновите американски санкции, врзани за случајот со хакирањето што таа ги демантира. Сепак и американските, но и руските експерти велат дека иако најавената средба може да не донесе ништо ново и позитивно за двете страни, сепак, таа е за поздравување во однос на помрднување од мртво место на меѓународните односи. Според „Спутник“, сегашниот мир е во длабоко мирување и затоа е потребен овој самит во Женева, без разлика што тој можеби нема ништо да реши. Руската агенција дополнува дека времето на средбите на врвот на Роналд Реган и Михаил Горбачов сега веќе го нема, но оваа средба и во голема мера ќе придонесе за ново разбирање меѓу Москва и Вашингтон.