Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ѝ нареди на војската да почне со повлекување на околу 7.000 војници на САД од военото поле во Авганистан, што претставува неочекувана промена во 17-годишната војна, која ги шокира авганистанските власти. Авганистанската војска е надлежна за безбедноста на земјата по 2014 година, кога над 100.000 војници на НАТО се повлекоа. Оттогаш, американските сили обезбедуваат обука и совети, асистирајќи во воените операции само по барање од авганистанската војска.

И покрај тоа, талибанските бунтовници денес се посилни од кога и да било претходно по нивното соборување од власт во 2001 година. Тие контролираат речиси половина од земјата, а секојдневно извршуваат напади против авганистанските безбедносни сили. Од почетокот на инвазијата на меѓународната коалиција на Авганистан во 2001 година, се убиени над 2.400 американски војници, а Пентагон потроши повеќе од 900 милијарди долари во својата најдолга војна досега.