Според податоците на ФИФА, и покрај обидот на САД да го бојкотираат СП, до почетокот на април американските навивачи купиле 16.462 влезници. Тие ќе бидат најмногубројната група странски навивачи

Уште осум дена остануваат до почетокот на најзначајниот планетарен спортски настан, Светското фудбалско првенство во Русија (14 јуни-15 јули). Целата спортска јавност следните триесетина дена ќе биде насочена на натпреварите, кои ќе се играат во Калининград, Казањ, Москва, Нижни Новгород, Ростов, Самара, Саранск, Сочи, Санкт Петербург, Волгоград и во Екатеринбург. Но светското првенство не е само спортски настан. Така било и во минатото и особено сега кога нештата се гледаат низ очилата на политиката. Во таа насока поради затегнатите политички односи и економските санкции на Европа кон Русија изминатиот период се наметнуваа и прашањата дали и кои европски и светски државници ќе присуствуваат на отворањето на првенството, како истото тоа ќе биде медиумски покриено од западните земји и сл.

Секако, пред почетокот на СП, неизбежно лебди прашањето и кој сѐ од светските политичарите ќе го следи во живо свеченото отворање и премиерниот дуел помеѓу домаќинот Русија и Саудиска Арабија, закажан за 14 јуни, со оглед на сето она што го следеше во последниот период СП и обидот за негов бојкот од 16 држави на Европската Унија (ЕУ), како и САД, Канада, Норвешка и Украина, кои, патем, решија да протераат одреден број руски дипломати, по инцидентот во англискиот град Солзбери и наводното труење на рускиот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка.
Во врска со државниците и официјалните лица, Светската фудбалска федерација (ФИФА) е децидна кога вели дека на секоја држава-учесничка на шампионатот ѝ е оставено да одлучи дали ќе ги поддржи своите фудбалери и дали нивни претставници ќе заминат во Русија. ФИФА, која не признава политички одлуки во врска со фудбалот, освен постојните фудбалски тела, кои постојат во државите, потврди дека во соработка со Организацискиот одбор (ОО) на СП, апсолутно е сигурно дека сите 32 држави ќе учествуваат и дека навивачите низ светот ќе приредат уште едно незаборавно спортско доживување.

Кој од политичарите ќе отпатува на свеченото отворање. Од Македонија, засега, единствено е сигурно дека на отворањето ќе присуствуваат претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски, и потпретседателот, Сејдини. Од кабинетите на претседателот на Република Македонија и на премирусијаерот нѐ информираа дека Ѓорге Иванов и Зоран Заев нема да заминат во Русија на СП. Од друга страна, постојат најави дека Ципрас и Вучиќ може да патуваат за Русија

Од Македонија, засега, единствено е сигурно дека на отворањето ќе присуствуваат претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, и потпретседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, а селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, ќе биде во Русија, но уште не се знае кои мечеви ќе ги следи. Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, и премиерот, Зоран Заев, нема да заминат во Русија и нема да проследат ниту еден меч, нѐ информираа од нивните кабинети.
Владата на Велика Британија и членовите на кралското семејство нема да присуствува на СП во Русија, се наведува во соопштението од Бакингемската палата, кое го пренесе Би-би-си.
Патем таа советуваше сите англиски навивачи на СП да избегнуваат протести или демонстрации и да не ги коментираат јавно политичките настани, притоа гарантирајќи му ги сигурноста и безбедноста на секој англиски навивач, кој би заминал на Мундијалот.
Министeрот за одбрана на Србија, Александар Вулин, и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, се само некои од српските претставници, кои, барем според тврдењето на „Росискаја газета“, ќe присуствуваат на СП во Русија. Уште не е познато дали српскиот претседател Александар Вучиќ ќе биде на отворањето на СП или, пак, подоцна ќе гледа некој меч на Србија, имајќи предвид дека тој е голем вљубеник во најважната споредна работа на светот. Неодамна, Вучиќ и неговиот син, сами, без обезбедување го гледале полуфиналниот дуел во годинашната Лига на шампионите (ЛШ), помеѓу Рома и Ливерпул.

Од светските политичари, претседателот на Русија Владимир Путин, како земја-домаќин, разбирливо ќе биде на отворањето на СП, каде што ќе го гледа воведниот меч Русија – Саудиска Арабија, на стадионот „Лужники“. Тоа е потврдено од Кремљ, иако е познато дека Путин не е некој голем навивач на фудбалот и дека многу повеќе ги сака хокејот и џудото.
– Засега, можам да потврдам дека Путин ќе го гледа првиот натпревар на СП помеѓу Русија и Саудиска Арабија – вели Дмитриј Пешков, портпаролот на Кремљ.
Путин, пак, во врска со СП истакнал дека „подготовките се во полн ек и дека ќе биде сторено сѐ за да се создадат услови, кои ќе им овозможат на водечките репрезентации на планетава да го покажат своето мајсторство“.
Според податоците на ФИФА, пак, и покрај обидот на САД да го бојкотираат СП, до почетокот на април американските навивачи купиле 16.462 влезници. Тие ќе бидат најмногубројната група странски навивачи. Парадоксот да биде поголем, Американците не учествуваат на ова СП, а САД беа едни од најгласните поддржувачи на бојкотот на првенството.

Во секој случај, оние политичари што ќе бидат дел од СП во Русија, секако ќе имаат убава можност да остварат поединечни средби и да разменат мислења за многу актуелни прашања.
На СП сигурно нема да биде поранешниот светски шаховски првак и руски опозициски политичар Гари Каспаров, кој претходно побара и дипломатски бојкот на ова СП, пренесува германскиот дневник „Франкфуртер аллгемајне цајтунг“.
Што се однесува до нашите соседи, постои сценарио за евентуална средба помеѓу рускиот претседател Путин со грчкиот премиер, Алексис Ципрас во рамките на претстојното СП во Русија, објавуваат грчките медиуми повикувајќи се на владини извори. Евентуалната средба би можела да се случи ако Ципрас ја прифати поканата на Путин и да отпатува за Русија за време СП во периодот помеѓу 14 јуни и 15 јули. Веќе биле направени и некои првични разговори во врска со ова.
– Изворите што ја пренесоа оваа информација, оценија дека со оглед на тоа дека целото внимание во тој период ќе биде насочено кон Москва, посетата дополнително ќе ја истакне средбата на грчкиот премиер. Но, секако, сѐ зависи од програмата на двајцата лидери и од раздвиженоста во поширокиот регион – објави грчката телевизија Скај.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов неодамна, поточно на 30 мај, допатува во дводневна посета на Москва и оствари средба со рускиот претседател Путин, така што тешко е да се верува дека Борисов повторно во толку краток интервал би отпатувал пак во Русија.

Од политичарите во македонските соседни држави, засега уште не е познато дали премиерот на Албанија, Еди Рама, ќе присуствува на СП во Русија. Како што е познато, Албанија не се пласира на СП.
Организацијата на СП во фудбал ја чини Русија 636 милијарди рубли, што е околу 9,6 милијарди долари. Тоа е многу помалку отколку што вложил Бразил за СП 2014. Бразилците тогаш потрошија 12 милијарди долари, а на нивната економија (благодарејќи на туристите, продажбата на сувенирите и слично) ѝ се вратиле 7,2 милијарди. Државата, меѓутоа, доби нов стадион и речиси еден милион работни места.