Американскиот режисер, сценарист и продуцент Пол Кампф

Вистинската приказна е локална, но проблемот е глобален

Филмот е приказна за богатиот Германец Јохан, кој раскажува како по трансплантацијата почнува да сонува непознати предели, луѓе и синооко момче, а потоа оди во Косово во потрага по одговори. Во Косово, Јохан влегува во опасно разоткривање на убиства и трговијата со органи

Романот на Веселин Џелетовиќ „Српско срце на Јохан“, приказна базирана на вистински факти за богатиот Германец кому му е пресадено срце во „жолтата куќа“ во Косово, ќе оживее во филмот што е под работен наслов „Жетва“, на американскиот автор Пол Кампф. Последниот филм на овој режисер, сценарист и продуцент, „Импресиониран“, со Лоренс Фишбурн, пред неколку дена е премиерно прикажан во Кан.
Поради срцевата болест, деновите на Јохан Вагнер биле одброени. По успешната трансплантација, Вагнер почнува да сонува прекрасен предел што не го видел никогаш, две сини детски очи, куќа со градина, прекрасна црква што има небесен одраз… Со време сништата се претвораат во кошмари од воени слики, кои го тераат Јохан да го истражи идентитетот на донорот на неговото срце. Открива дека во него е срцето на Јован, православен христијанин од Косово, кој заминува во мировна мисија на Косово, каде што започнува неговото преобразување. Во Косово, Јохан влегува во опасно разоткривање на косовското прашање, убиствата на српскиот народ и трговијата со органи.

Приказната многу го воодушевила режисерот Пол. Штом ја прочитал, веднаш ги откажал сите други проекти на кои бил ангажиран и почнал да го пишува сценариото за „Жетва“.
– Приказната за поранешна Југославија, Србија, Косово и Албанија е многу комплицирана и за оние што се директно вмешани во неа, а замислете како ја перципира, како изгледа за просечен Американец. Мислам дека е добро за филмот со тоа што сум во позиција на аутсајдер, некој што не зазема страна, без предрасуди, некој што не го познава светот на Јохан и не може да се обвини дека е пристрасен. Сакам оваа приказна да ја подигнеме на едно повисоко, интернационално ниво – вели Пол.

По книгата на Џелетовиќ за „жолтата куќа“ и илегалната трговија со органи, Кампф почнал да чита сѐ што е поврзано со тоа, новинарски извештаи, статии, интервјуа, гледал документарци, истражувал. Но и понатаму вели дека има многу неодговорени прашања.
– Ова е многу болна тема за српскиот народ, но, за жал, вакви слични приказни се случуваат насекаде низ светот. Ова е српска приказна, но проблемот е светски. Ваквите рани не застаруваат, но можеби е вистинско време да се запрашаме, на глобално ниво, што се случило, што се случува и ден-денес и зошто никој не одговара за таквите постапки, злосторства – вели Кампф.

Според него, не може да се побегне од политиката во филмот, затоа што темата е таква и политиката ги меша своите прсти насекаде.
– Си дадов задача да ја раскажам приказната за она што се случувало таму, но и да прашам каде во тоа време било НАТО, каде биле Русија и Америка додека се случувала оваа трагедија. Зошто никој не реагирал? Затоа што по војната во Косово, ни кажаа сѐ е во ред, војната заврши, ние сме тука. Тоа е политичко прашање. Тоа и денес се случува насекаде во светот. Но што е со црниот пазар, трговијата со бели робје, проституцијата, сѐ што процветува кога „ситуацијата ќе се стабилизира“. Серијата, која планираме да ја снимиме по филмот, ќе ги отвори сите прашања, ќе биде насочена токму во овој правец – вели режисерот.

Неговиот план за филмот е главен јазик да е англискиот, со меѓународна актерска екипа, која ќе привлече поголемо внимание кон оваа приказна. Откако ја избра локацијата за снимање во Србија, Кампф пред два дена се врати во Лос Анџелес, каде што во текот на летото ќе работи на составување на екипата за филмот. Сѐ уште е во неофицијални преговори за тоа кој ќе ја толкува главната улога на Јохан. Изјави дека деталите ќе ги сподели во август, кога ќе се потпише и договорот.
Пол Кампф инаку е 25-годишен ветеран во филмската индустрија. Тој е актер, режисер, сценарист, продуцент и најчесто предавач во неговото студио по глума и продукција „Пол Кампф студио“.

Бил основачки член и уметнички директор на театарската група „Бредлајн“ во Чикаго. Под негово водство, компанијата произведе триесет светски претстави и изгради еден од најуникатните уметнички центри во Чикаго. Во неговото студио се креирани четири филма, со над 100 актери. Тој е основач на „Екуитас ентертејмент партнерс“, компанија за производство и финансирање посветена на изедначување на разликата во платите во однос на родовите, како и откривање таленти во забавната индустрија.