Сопругата на глумецот Џорџ Клуни, Амал, ќе се појави на насловната страница на мајското издание на модниот магазин „Вог“. Во мегаинтервјуто што го даде за популарното списание таа зборува за својата кариера, но и за приватниот живот. Амал е успешна адвокатка, активистка, мајка на близнаци и животна придружничка на актерот, кој сѐ додека не ја сретна важеше за најпосакуван ерген во Холивуд. Тие се запознале преку заеднички пријатели во куќата на Клуни на езерото Комо, во Италија. – Беше многу убава, но истовремено и брилијантна.

Нејзиниот живот беше неверојатно возбудлив – се сеќава Џорџ на првата средба со својата сегашна сопруга. Тие извесно време комуницирале преку Интернет, а првпат заедно излегле во Лондон. – Имав чувство дека тоа е нешто најприродно на светот. Претходно секогаш се надевав дека постои голема љубов, која за мене е патоказ за среќа – изјавила Амал во интервјуто за „Вог“, додавајќи дека среќата е нешто над кое секоја личност има најмала контрола. Сопругот ја запросил во текот на сафари во Африка, се венчале во 2014 година, а по три години ги добиле близнаците Александер и Ела. „Вог“ пишува дека синчето личи на татко си, а ќеркичката на мајка си. Иако сѐ уште не го прославиле првиот роденден, тие веќе ги изговориле првите зборови – „мама“ и „тато“.