Алуминиумската фолија е нешто што сите го имаме во своите домови и најчесто ја користиме за пакување сендвичи, затворање садови со храна, покривање на печената храна во рерна, но многу ретко за други работи.

За таа цел ќе ви презентираме неколку одлични идеи како да ја искористите алуминиумската фолија во кујната и во градината.

Со помош на алуминиумска фолија можете да си го олесните пеглањето на алиштата. Ставете големо парче фолија на штицата за пеглање. Фолијата ќе ја рефлектира топлината при пеглањето, така што со еден потег ќе имате двострано пеглање и нема да има потреба да ја пеглате облеката од двете страни.

За да го избегнете статичкиот електрицитет при сушењето на алишта во машина, ставете топка од алуминиумска фолија, а таа ќе ја спречи појавата на електрицитет.
Со помош на алуминиумската фолија можете да ја заштитите вашата градина од штетници без употреба на хемикалии. Исечете ленти алуминиумска фолија и ставате ја меѓу растенијата и цвеќињата во градината. Освен што ќе ги брка штетниците од нив, поради рефлексијата на светлината, таа ќе го подобри и растот на билките.

Алуминиумската фолија може да ви помогне да си ги наострите истапените ножици. Земете поголемо парче фолија превиткајте го неколкупати и почнете да го сечете со ножиците. Колку повеќе слоеви фолија сечете, толку подобро ќе ги наострите ножиците. По сечењето на фолијата тестирајте ја острината на ножиците. Ако сте задоволни од острината, пребришете ги ножиците со влажна крпа за да ги отстраните остатоците од алуминиум, а ако не сте задоволни, продолжете со сечење на фолијата.
Доколку ви загорат тавата или тенџерето додека готвите, топка од алуминиумска фолија ќе го реши проблемот. Направете лабава топка од фолија и користете ја наместо жица за триење на загорените делови. За разлика од жицата, фолијата нема да ја оштети подлогата на вашите садови.

Варосувањето на станот е вистинско малтретирање, а уште помачно е чистењето на испрсканите места со боја. И во вакви ситуации алуминиумската фолија може да биде спасител на ситуацијата. Кваките на вратите, рачките на мебелот, аголните резбарени лајсни и сите предмети што имаат чуден и неправилен облик замотајте ги со алуминиумска фолија и бидете сигурни дека освен фарбањето нема да имате дополнителна работа.

Алуминиумската фолија одлично ќе ги исчисти вашиот сребрен накит и предметите од сребро. Еден широк и не многу длабок сад обложете со алуминиумска фолија и ставете ги сребрените предмети врз неа. Прелејте со зовриена вода и додадете малку сода бикарбона. Оставете ги предметите да стојат во водата додека се излади, а потоа пребришете ги со сува крпа. На накитот и на сребрените предмети ќе им се вратат сјајот и чистотата.

Со помош на алуминиумска фолија ќе го заштитите подот од гребење при преместување и влечење на парчињата мебел. Превиткајте парче фолија и ставете го под ногалката на мебелот или креветите. Покрај тоа што ќе го заштитите подот од гребење, лизгавата подлога од фолијата ќе ви го олесни преместувањето на мебелот.

Исто така со помош на алуминиумска фолија можете многу лесно да ја исчистите ’рѓата од металните огради, алати и од други предмети што кородирале. Сѐ што треба да направите е да земете поголемо парче фолија, истуткајте го, натопете го со вода и почнете да триете по ’рѓосаниот дел. Ќе се изненадите од ефектот и од леснотијата со која сте го постигнале тоа.