Фестивалот за современа музика „Модоарс“ најавува ексклузивен уметнички настан со наслов „Акустик електроникс“, кој ќе се одржи вечерва во 22 часот во клубот „Станица 26“. Станува збор за концерт на Ема Попивода – пијано и Александар Петров – тапан со композиции на теми од познати електронски хитови низ историјата на електронската музика. Тоа е оригинален музички перформанс во кој најпознатите епски електронски хитови се обработени и се изведуваат на пијано и тапан. Во потрага по нова експериментална музика, пијанистката Ема Попивода ги искористи темите на одбрани електронски песни од различен временски период, кои се подредени во еден вид историјат на електронската музика, за реверзибилно да ги обработи во класичен пијанистички стил.

Во придружба на Александар Петров и моќниот звук на тапанот, кој во целост ја дополнува атмосферата, електронската музика експериментално се изведува на акустични инструменти во класичен стил. Инспирирани од современата музика, во стилот на класичните композитори, на акустични инструменти, во сосема нова возбудлива атмосфера се појавуваат песни на „Орбитал“, „Крафтверк“, „Њу ордер“, Дерик Меј, диџеј Роландо и др. Уметничките визуализации, кои ќе се прикажуваат на екранот за време на концертот, ги изработија Давор Попивода и Милан Тоциновски.