Фото: Дарко Андоновски

Врзувањето на Македонија и Албанија во однос на доделувањето на датумот за почеток на преговори со ЕУ е чисто политички став, а кога ќе почнат преговорите, тоа нема да има никакво значење. Тогаш секоја земја напредува според своите постигнувања, објаснуваат експертите

Дали ќе даде плод наводната стратегија на Брисел за определување датум за почнување преговори на Европската Унија со Македонија и со Албанија поврзани во таканаречениот пакет? Ова прашање се наметна по завчерашната одлука на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг, која препорача нивната земја позитивно да се изјасни за почнување преговори за членство во ЕУ со Македонија и со Албанија, што дел од јавноста го искористи како поткрепа на тезата дека двете земји, сепак, во пакет ќе бидат третирани во понатамошниот процес на пристапувањето кон Унијата.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека од поширока гледна точка за регионот е подобро да се движиме сите заедно на патот кон ЕУ, но како држава нам во овој момент ни одговара да имаме индивидуална процена на заслугите и постигнувањата.

– Секоја земја во ЕУ поединечно ќе одлучува за нив дали е прифатлива или не одлуката на Македонија и на Албанија да им се даде зелено светло за почнување на преговорите. Подоцна Европската комисија ќе донесе одлука за доделување датум за преговори за онаа земја или која било друга што ќе ги исполнува сите параметри. Тоа што Германија ги прифатила Албанија и Македонија заедно не значи дека другите земји ќе се согласат околу доделувањето на датумот. Во таа смисла не значи ништо што Бундестагот одлучил вака. Точно е дека сѐ се сведува на политичките влијанија во ЕУ, но и дополнително вреди да се спомене дека е можно и да се случи некои од националните парламенти на земјите-членки во ЕУ да стави вето и да не ја поддржи иницијативата за доделување датум за преговори. Заклучок е дека датумот за преговори е клучен, бидејќи од него зависи дали реформите ќе станат трајна одредница на трасата кон ЕУ или не. Но исто така вреди да се напомене дека во одлучувањето допрва ќе има многу политичко влијание, кое, пак, понатаму ќе ги диктира одлуките дали тие ќе се носат за секоја земја одделно – оценува Арсовски.

Од друга страна, поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека врзувањето на двете земји во однос на носење на одлуките од европските земји околу датумот навестува можно одложување на европскиот процес.

– Бундестагот доцни со одредувањето датум, меѓутоа и нивното позитивно решение ништо нема да значи бидејќи во моментов сѐ е во рацете на Париз. Лошо е и што во Берлин сме во пакет со Албанија бидејќи со сигурност може да се тврди дека одредени земји нема во никој случај да прифатат датум и за Тирана. Тоа мора да ни биде сосема јасно. Со други зборови, врзувањето на двете земји има јасна цел одложување на датумот за преговори. Мора да се напомене дека врзувањето на двете земји важи само за датумот за почеток, и тоа е чисто политички став, а кога ќе почнат преговорите тоа нема да има никакво значење. Тогаш секоја земја напредува според своите постигнувања – оценува Никовски.

Дипломатот смета дека нашата држава треба да се стреми да се зачлени во европското семејство независно од другите држави од регионот.

Во меѓувреме францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вчера изјави дека официјален Париз сѐ уште не одлучил како ќе се изјасни за почнување на преговорите на Македонија со ЕУ.

– Заслугите и индивидуалниот прогрес на секоја земја ќе бидат вреднувани одделно, но генералниот пристап за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан ќе биде најважен – истакна амбасадорот Тимоние, во врска со тоа дали Македонија ќе биде разгледувана во пакет со Република Албанија кога ќе се одлучува за доделување датум за почнување преговори со ЕУ.

Инаку германскиот Бундестаг денеска ќе изгради став за доделувањето на датумот за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, откако Комисијата за надворешни работи му препорача да даде зелено светло за почеток на преговори со Македонија и со Албанија. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, според најавите, ќе присуствува на денешната седницата во Бундестагот, а ги следи и расправата и гласањето за одлуката на земјата да ѝ се даде зелено светло за почеток на преговори на Самитот на ЕУ во октомври.

[email protected]