Ако процедурата биде спроведена докрај, Унгарија може да го загуби правото на глас во ЕУ поради непочитување на европските норми и вредности

Европскиот парламент вчера гласаше за активирање на т.н. нуклеарна опција против Унгарија, која предвидува евентуално суспендирање на правото на глас на земјата во ЕУ поради непочитување на европските вредности. Парламентот ги повика земјите-членки на ЕУ да ги испитаат демократските состојби и владеењето на правото во Унгарија, предупредувајќи дека постои „јасен ризик“ за прекршување на вредностите на ЕУ од владата на премиерот Виктор Орбан. Одлуката беше усвоена од две третини од европратениците, јави „ЕУ обзервер“.

Во декември 2017 година, Европската комисија поведе слична дисциплинска постапка против Полска, но сега Европскиот парламент сака првпат да ја активира т.н. нуклеарна опција против Унгарија. Аналитичарите предвидуваат процедурата да оди бавно и се сомневаат дека ќе биде спроведена докрај. Одлуката на Европскиот парламент оди пред лидерите на 28-те членки на ЕУ, кои треба едногласно да ја поддржат за да ја санкционираат Унгарија, а Полска се очекува да гласа „против“, посочува Дојче веле.

Еден ден пред гласањето, унгарскиот премиер водеше жестока дебата со европратениците, во која обвини за лаги и уцени. Дебатата се одржа по повод извештајот за Унгарија на европратеничката Јудит Саргентини, кој предлага активирање на членот 7 од Лисабонскиот договор, со кој се суспендира правото на глас во Европскиот совет. Во извештајот се наведуваат низа прекршувања на владеењето на правото во Унгарија, преку мигрантските политики, контролата врз медиумите, ограничувањето на правото на изразување, верските слободи како и независноста на судството. Орбан рече дека извештајот е навреда за Унгарија и нагласи дека неговата држава нема да потклекне пред „уцените“.

Мнозинството европратеници, со исклучок на ултрадесничарските и популистичките партии, му одговорија на унгарскиот премиер дека извештајот не ги напаѓа Унгарците туку дека ги „штити демократијата и европските вредности“ во нивната држава.