Невладината организација Амнести интернешенал (АИ) предупреди дека во Хрватска и во Босна и Херцеговина (БиХ) се одвива сериозна хуманитарна криза, притоа обвинувајќи ја Европската Унија (ЕУ) дека е соучесник во насилствата што хрватската полиција ги спроведува врз мигрантите.

Минатата година околу 25.000 мигранти од Азија, Африка и од Блискиот Исток се обиделе да влезат во ЕУ од БиХ преку Хрватска. Една третина од овие мигранти тврдат дека биле изложени на насилство од страна на хрватската полиција, како тепање и заплена на лични документи, пари и телефони.

Најнов инцидент на границата меѓу БиХ и Хрватска се случи неодамна, кога хрватски полицаец принудил мигранти да скандираат „Динамо, Динамо“ и притоа ги снимал со мобилен телефон. Полицијата подоцна појасни дека настанот се случил на 6 март, а од хрватското министерство за внатрешни работи најавија дека полицаецот ќе биде отстранет од работа, додека против двајца негови колеги ќе биде поведена дисциплинска постапка.

АИ предупредува дека полициската бруталност на хрватските власти оди на сметка и на самата ЕУ, бидејќи таа „продолжува да алоцира значајни фондови за поддршка на граничната безбедност во Хрватска“.

– Европските влади не само што замижуваат пред бруталните напади на хрватската полиција туку ги финансираат нејзините активности – се вели во соопштението на АИ.
Од хрватската полиција ги негираат ваквите тврдења на оваа невладина организација.

– И во оваа пригода сакаме да нагласиме дека при постапувањето со мигрантите полицијата ги почитува нивните основни права и достоинство и им овозможува пристап до системот на меѓународна заштита доколку им е потребна таква заштита, во согласност со општите документи за човековите права, регулативите на ЕУ, како и националното законодавство – се вели во реакцијата од хрватското министерство за внатрешни работи на соопштението на АИ.

По затворањето на балканската маршрута преку Македонија и Србија, сега мигрантите и бегалците најчесто поминуваат преку БиХ. Минатата недела, босанскиот министер за внатрешни работи Драган Мектиќ предупреди дека очекува зголемување на бројот на мигранти преку оваа маршрута.