Држава: Португалија
Површина: 2.333 квадратни километри
Население: 250.000 жители
Клима: средоземна

Азорските Острови, или Азорите, ѝ припаѓаат на Португалијa, а се наоѓаат во северниот дел на Атлантски Океан, околу 1.500 километри западно од брегот на Европа. Од најблиската точка на Северна Америка островите се оддалечени 3.900 километри. Тие се автономна португалска покраина, а најголемиот град Понта Делгада е центар на покраината. Ѝ припаѓаат на Европската Унија, како нејзина крајна дестинација. Овој архипелаг е составен од девет острови, сместени среде Атлантикот.

Нивните жители тврдат дека се во центарот на светот, што, географски гледано, не може да се оспори, но додека шетате и ги откривате убавините на ова место, може и да се запрашате на која планета всушност се наоѓате. Азорите се и зелени и сини, филувани со скаменета лава, ендемски и вулкански. Во својата внатрешност кријат езера во заспаните кратери, водопад каде што температурата на водата е 28 степени, плантажи со чај, вулкански пештери, термални природни извори и базени. Во водите што ги заплискуваат пливаат 24 вида делфини и китови, а на некои места водата врие и испарува насекаде околу вас. Најголемиот остров, Сао Мигел, има површина од 750 квадратни километри, а најмалиот Корво можете да го пропешачите за еден ден. Тука се и Флорес, Грасиоза, Теркеира, Сао Жорге, Пико, Фајал и Санта Марија. Азорските Острови биле познати уште во 14 век, а населувањето почнало во 1439 година.
За време на Втората светска војна тие им биле изнајмени на Британците, а во 1945 година островот Теркеира станал португалско-американска база.

Од скоро оваа туристичка дестинација е многу подостапна, бидејќи нискобуџетните авиокомпании „Рајанер“ и „Изиџет“ летаат од Лисабон, Порто и Лондон до Понта Делгада.