Откако мина она што ИАТА го опиша како најлоша година во авијацијата, американските патнички авиокомпании конечно бележат зголемување на побарувачката. Со тоа што одлично се одвива вакцинациската програма, Американците постепено се враќаат на животот пред пандемијата, а тоа ги вклучува патувањата низ државата и до одреден помал степен во странство.
Според бројките што ги објави Администрацијата за безбедност во транспортот (ТСА), минатиот петок нејзините службеници регистрирале 1,58 милиони патници на безбедносните контроли на аеродромите што е највисок број на забележани патници од лани од март, кога авиосообраќајот само за неколку недели се намали за 90 отсто. Во 2019 година на дневна основа просечно на аеродромските контроли минувале 2,3 милиони патници, овие бројки лани во април паднаа на 87.534 патници, за конечно потоа да се забележи бавен раст.
Иако патничкиот рекорд од минатиот петок се совпаѓа со велигденскиот викенд, а авиосообраќајот обично е поактивен токму за празниците, ова покажува еден поширок тренд дека Американците се подготвени повторно да го освојуваат патничкото небо. Седумдневните просечни бројки од американските аеродроми покажуваат дека авиосообраќајот двојно се зголемил од почетокот на февруари.