Борислав Тноковски, ТВ и радиоводител

Борислав Тноковски е секојдневен гостин во домовите на многу македонски семејства веќе 15 години, во моментов како презентер на вестите на телевизијата Канал 5, но неговиот глас можете да го слушнете и на радиото Метрополис. Важи за голем професионалец, посветен на својата работа, кој со својот карактеристичен глас секојдневно нѐ информира за дневните случувања. По професија е професор по шпански и по француски јазик и литература.

Како се најдовте во овие води, кога и каде почнавте и од кого учевте?
– Отсекогаш ми изгледаше возбудлива и привлечна работата во медиумите. Знаев дека сакам да работам во телевизија или радио, но не знаев што. Почнав пред 15 години во МТВ и, за среќа, мислам дека како последна генерација ја фатив таа прочуена школа. Учев од Благоја Крстевски, Катерина Намичева и Ленче Смилевска, но и од сите други повозрасни колеги со кои сум работел.

Дали сѐ уште кога ќе се вклучат камерите чувствувате одговорност дека правите нешто важно што не трпи импровизација?
– Одговорност како и во секоја друга работа и тука има. Финалниот производ на цела една екипа треба да го заокружиме ние презентерите, и тоа на најдобар можен начин. Често се наложува потреба за импровизација, особено кога има некоја вонредна ситуација, кога во минута се менуваат информациите. Таа мала доза адреналин, која постојано тлее, тоа брзање, динамика, постојана координација, можеби е она што нè држи сите нас, ТВ-лицата пред камера многу години во континуитет.

Во екот сме на пандемијата, па вестите што ги соопштувате често не се баш пријатни. Дали се трудите да го правите тоа без паника, прифатливо и смирувачки?
– Па, јас генерално имам еден поразличен начин и пристап на презентирање, но се разбира дека во овој период на корона-криза мора да се има доза емпатија кон случувањата.

Еден ТВ-презентер треба да има добра дикција, секако пријатен глас, фотогеничност, концентрација. Што уште?
– Сè што кажавте плус интелигенција, писменост и владеење на материјата. Не можеш да му пренесеш нешто некому на вистински начин ако не знаеш за што станува збор. Презентерството мора да еволуира, не може да биде исто како што било во осумдесеттите, иако треба да се почитуваат извесни правила што се поставени како темели. Самиот факт што живееме во динамично време, во еден хаос од информации, преплавени со нова технологија, пристап до медиуми од целиот свет наложува и ние како ТВ-работници да се менуваме и да се приспособуваме на времето во кое живееме.

Ви пречи ли кога на медиумите се сквернави македонскиот литературен јазик?
– Ми пречи многу. Долг период се трудиме да ги зачуваме, одбраниме и да ги докажеме нашиот идентитет и јазик, а голем е бројот на оние што не знаат да пишуваат и да говорат правилно македонски. Многу често учиме странски јазици, и деца и возрасни, а не ги познаваме нашиот јазик, граматиката, правописот и правоговорот. Мора да се води сметка во образованието, во медиумите, во издаваштвото. Се трудам на најдобар начин да го пренесам јазикот, меѓутоа не велам дека сум беспрекорен и секогаш точен.

Се дружите ли со колегите од браншата?
– Многу од колегите со кои заедно почнувавме сега се со работни ангажмани во различни медиуми и многу е тешко да координираме средба. Иако одвреме-навреме знаеме да се собереме и да испиеме едно кафе. Ако треба да издвојам некој од актуелните колеги, од некогашните ТВ-ликови, а сега активни само гласовно, преку реклами, тоа е Александар Деловски.

Секојдневно ве слушаме и на радиото Метрополис. Дали пред микрофонот се чувствувате порелаксирано, попријатно?
– Еднакво комотно се чувствувам и на двете места. Не правам никаква разлика, евентуално малку во пристапот, се разликува кога им говориш на слушатели и кога им говориш на гледачи. Во време на корона-кризата сите моравме да се реорганизираме, па и на радиото Метрополис имаме малку видоизменета програмска шема.

Колку ви значи семејството и како функциониравте периодов?
– Домот и семејството е најсигурното и најпријатно засолниште од целата „бура“ што владее надвор. Целиов период бевме работно ангажирани со сопругата, единствено Матео не одеше на училиште. Дружбата на сите тројца ни трае до доцна навечер, многу често и по полноќ – игра, смеа, храна, телевизија, домашно диско и кино, и по некоја расправија. Матео е неуморен, постојано желен за игра, секогаш си држи до своето, но тој е една длабоко емотивна личност полна со љубов. Сакам да го научам пред сè да биде трпелив, внимателен и помалку бунтовен кога се соочува со „неправда“, според него, зашто ќе ги има многу такви во животот. Сè уште се прилагодува на улогата – ученик, тој годинава е прваче и малку му е чудна транзицијата од градника во училишна клупа, но со одличниот пристап на наставниците од ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ успеа да ја засака оваа за него нова средина.

Како го чувате убавиот глас, вашата алатка за работа?
– Како што кажавте, гласот е само алатката – сè друго се учи, како да се „ракува“ со алатката. Тоа го кажувам и на обуките што ги држам за јавно говорење, презентациски и комуникациски вештини. Се учи и дикција и динамика, темпо на говор, однос со публика, дури и бојата на гласот со вежба може да се модифицира.

Дали во вашата агенда има планови, што би сакале да ги реалзирате во поблиска и подалечна иднина?
– Разноликоста во тоа што го работам прави секој ден да ми биде поразличен од претходниот и исполнет на поинаков начин – дали тоа се дневните настани и информации, дали е тоа модерирање некој настан, снимање реклама за некој клиент, обука за одредена група, преводи од француски и шпански… Можеби тоа прави да не влезам во некоја здодевна секојдневна рутина. Секој од нас има, можеби и несвесно некој зацртан план кој нè води во животот, па оставам самото утре да ми ги покаже следните чекори, зашто и ова што сум денес дојде без некој посебен план.