Во стандардните договори што секој играч ги склучува со клуб во Премиер-лигата, постојат одредби што им овозможуваат на клубовите да користат голем број играчи при промоцијата на своите спонзори

Склучувањето вносен фудбалски договор честопати може да биде комплицирано, но понекогаш се можни и дополнителни компликации кога станува збор за маркетиншкиот дел од зделката. Неодамна на големо се говореше за трансферот на Аргентинецот Пауло Дибала од Јувентус во Тотенхем, кој, иако најавен како готова работа, наводно пропаднал во последен момент, бидејќи не бил постигнат договор за авторските права на фудбалерот.
Без оглед дали е тоа вистина или не, во Велика Британија повторно се разгоре дебатата за авторските права на фудбалерите и зошто тие можат да ги искомплицираат повеќемилионските трансфери. Во стандардните договори што секој играч ги склучува со клуб во Премиер-лигата постојат одредби што им овозможуваат на клубовите да користат голем број играчи при промоцијата на своите спонзори. Но тоа е во доста ограничен обем (во договорот обично се наведува „сликата на играчот не смее да биде поголема од просечната на сите играчи на првиот тим“).

Спортскиот адвокат Даниел Џиј за британската интернет-страница „Гол“ објаснува што значат авторските права и како тие, веројатно, влијаеле на случајот со Дибала.
– Клубовите склучуваат најразлични комерцијални партнерства со познати светски фирми што сакаат да бидат поврзани со нив и со познатите играчи. Некои клубови од Премиер-лигата имаат и над 60 комерцијални партнери што ги користат играчите при рекламирањето на своите производи. Во случајов станува збор за нивни фотографии, имиња, прекари, потписи, автограми, иницијали, изјави, гласови и други лични карактеристики. Клубот или фирмата што сака да се рекламира треба да го плати играчот за да ги промовира комерцијалните зделки – вели Џиј.

Во случајот „Дибала“ беше објавено дека постои „трета страна“, односно маркетинг-компанијата „Стар имиџ“, која му платила на Аргентинецот за да ги користи неговите авторски права. Во конкретниот случај минатите години Дибала имал обврски кон „Самсунг“, „Геторејд“, ФИФА, „Адидас“ и други. Меѓутоа, ако Дибала нема контрола врз ваквите права затоа што ѝ ги продал на трета компанија, клубот ќе мора да склучува комерцијален договор со маркетинг-компанијата.

Доколку клубот нема склучено посебен договор за авторските права со главните играчи-ѕвезди, ќе било тешко да искористи, на пример, поголема слика на Хари Кејн во поголемиот дел од комерцијалните активности на Тотенхем со клупските партнери. Кога клубовите преговараат за своите авторски права со одредена компанија, повеќето се обидуваат да ги ограничат личните права на играчот. Тотенхем се обидува да се осигури дека неговите играчи нема да одберат друга осигурителна компанија или производител на автомобили, дури и за лична употреба, бидејќи е спонзориран од АИА и од „Ауди“.

Во мај 2016 година беше објавено дека една од работите што го отежнуваат назначувањето на Жозе Мурињо за менаџер на Манчестер јунајтед е проблемот во врска со неговите авторски права. Тогаш беше објавено дека претходните индивидуални комерцијални договори на Мурињо би можеле да бидат конкурентни на оние на Манчестер јунајтед. Преговорите беа сконцентрирани на неговите зделки со „Јагуар“ и со компанијата за часовници „Убло“ бидејќи на Јунајтед спонзори му се „Шевролет“ (автомобили) и „Булова“ (часовници). 


Платата е само дел од заработката

Платата не е проблем, но ќе треба да се договорат некои детали за авторските права, гласеше изјавата на Дејвид Бекам уште пред петнаесетина години кога преговараше за нов договор со Манчестер јунајтед.
Намерата на Бекам, како и на другите како него, е да има контрола врз авторските права, односно како, колку и на кој начин комерцијално ќе се експлоатира нивното име. Фудбалерите се обидуваат во договорите да внесуваат клаузули со кои ќе се осигурат дека ќе добијат процент од парите што другите ги заработуваат на нив.
– Спортот е дел од индустријата за забава. Во светот на филмот, платата на Бред Пит вклучува надомест за глума, како и дел од авторските права за користење на неговиот лик во промотивни цели и при изработка на комерцијални предмети. Да се потпише договор заснован само врз база на перформанси на спортски терен е малку наивно ако сте некој со светски познато име – објаснува спортскиот агент Дејв Вилијамс.


Салах имаше конфликт со египетската федерација

Во април 2018-та во спортската јавност и на социјалните медиуми се говореше за спорот меѓу Египетската фудбалска асоцијација (ЕФА) и играчот на Ливерпул, Мохамед Салах. Стануваше збор за користење на авторските права на Салах, без негова дозвола, односно на швајцарската компанија МСЦЦ, која го застапува. За смирување на ситуацијата се вклучија дури и врвни египетски политичари.
Јавната природа на спорот осветли една важна правна работа, а тоа е (зло)употребата на авторските права на играчите од нивните национални асоцијации. Во конкретниот случај имало фотографија на Салах многу поголема од оние на неговите соиграчи, на авионот на компанијата „Ер Египет“, еден од спонзорите на ЕФА. Покрај тоа, слични недоразбирања за Салах, кој е „модел“ на „Водафон“, имало и со „Египет телеком“ и со некои други фирми.