Пред една година, Детроит и Силиконската долина имаа визии да стават илјадници автономни такси-возила на патот во 2019 година, воведувајќи ера на автомобили без возачи. Но овие амбициозни планови не се остварија. Автономните автомобили допрва треба да пристигнат, а најверојатно ќе поминат уште години пред тие да станат секојдневие.

Неколку производители на автомобили и технолошки компании заклучија дека создавањето функционални автономни возила ќе биде потешко, побавно и поскапо отколку што се мислеше.

– Ние го преценивме пристигнувањето на автономните возила – спомна главниот извршен директор на „Форд“, Џим Хакет, во „Детроит економик клаб“ во април годинава.

Од тие причини автомобилските фирми „Форд“ и „Фолксваген“ ги здружија своите сили за да се справат со веќе започнатиот предизвик за создавање функционални автономни возила. Двајцата производители на автомобили планираат да ја користат технологија за автономно возење, која ја создава стартап-компанија од Питсбург наречена „Арго АИ“, и нивните очекувања се дека автомобилите ќе се појават во урбаните зони во 2021 година. Но главниот извршен директор на „Арго АИ“, Брајан Салески, вели дека технологијата за создавање автономни автомобили е сепак далеку во иднина. Според него, доцнењето во создавањето и неможноста за масовна продукција на овој вид технологија е човечкото однесување.

Истражувачите од „Арго“ велат дека автомобилите што ги тестираат во Питсбург, треба секој ден да се движат по неочекувани ситуации. Неодамна, еден од автомобилите на компанијата се соочи со велосипедист што се движел на погрешен правец надолу по зафатена улица помеѓу други возила. На друг тест автомобил на „Арго“ наиде на камион метларка, кој одеднаш направил кружно движење на раскрсницата, притоа допирајќи ги сите четири агли и преминувајќи низ сите четири пешачки зебри. Вакви неочекувани ситуации се тешки за предвидување.

– Гледате секакви луди работи на патот и излегува дека не се сите тие толку ретки, но мора да бидете во можност да се справите со сите нив. Со радари и камери со висока резолуција и со целата компјутерска моќ што ја имаме, можеме да ги откриеме и идентификуваме предметите на улица. Тешкиот дел е предвидување на тоа што ќе се случи следно – вели Салески за „Њујорк тајмс“.

Талески вели дека „Арго“ и многу други конкуренти развиле околу 80 проценти од технологијата што е потребна за да ги ставаат возачките автомобили во рутинска употреба на патот. Радарот, фотоапаратите и другите сензори што можат да идентификуваат предмети оддалечени на патиштата и автопатите, претставуваат 80 проценти. Но преостанатите 20 проценти, вклучуваат развој на софтвер што може со сигурност да предвиди што ќе направат другите возачи, пешаци и велосипедисти, тоа е потешкиот дел според него.

Пред една година, многу директори од автомобилската индустријата зборуваа со голема сигурност за технологијата за автономно возење. Тие мислеа дека нивните инженери ги решиле најтешките технички проблеми и ветија дека таквите автомобили ќе почнат да ги заменуваат луѓето некаде оваа година. Компанија „Гугл“ и многу други компании како и такси-компаниите објавија дека ќе купат вакви автомобили, кои можат да возат автономно. Фирмите нарачуваа и по 20.000 до 60.000 автомобили. Намамени од идејата за нарушување на системот за транспорт, инвеститорите со длабоки џебови побрзаа да добијат дел од колачот.

– Имаше неверојатен оптимизам. Компаниите сметаа дека многу лесно ќе се реши проблемот. Вие само ставате некои сензори, вештачка интелигенција во автомобилите и толку – вели Сем Абуелсамид, аналитичар од „Навигант рисрч“ за „Њујорк тајмс“.
Но оваа самодоверба на индустријата брзо се сруши кога автономно возило, кое беше тестирано од убер-апликацијата, удри и уби жена што возеше велосипед на улица.

– По тој смртен случај, скоро сите ги сменија своите очекувања – вели Абуелсамид. Оваа жртва претставува првата смрт предизвикана од автономно возило. Во Соединетите Американски Држави тројца возачи на „Тесла“ загинаа во несреќи што се случија изминатиов период, додека бил ангажиран системот за автоматски пилот, кој не успеал да ги детектира и да реагираа на опасностите на патот. Затоа компании како „Вејмо“ и „Г.М.“ велат дека сè уште очекуваат да пуштат во употреба илјадници автономни автомобили, но повеќе не кажуваат кога ќе се случи тоа.