Кражбата на автомобили во Босна и Херцеговина стана поисплатлив бизнис од шверцот на дрога, затоа што казните се помали, а заработувачката е многу повисока

Автомафијата е разгранет облик на криминал во сите балкански земји, а убиството на двајцата полицајци во Сараево се последица на постоењето добро организирана криминална мрежа. На црниот пазар на украдени автомобили само во Босна и Херцеговина годишно се вртат околу 100 милиони конвертибилни марки (50 милиони евра), предупредуваат стручњаците во анализата што ја објави „Дневни аваз“.

Смртта на сараевските полицајци е ново предупредување за безбедносните служби во БиХ и за долгогодишното молчење за постоењето автомафија, која со години непречено функционира во оваа земја. Криминалните групи се концентрирани во ентитетот на Република Српска и местата Сокоц, Пале, Мокрог, Биелина и Зворник. Тие се добро организирани и секогаш се на чекор-два пред полицијата, пишува овој медиум.

Досега босанско-херцеговската полиција спроведуваше акции за сузбивање на кражбата на автомобили, но сето тоа завршуваше со помали казни, а многу од извршителите по излегувањето од притвор продолжувале со кражбата на автомобили. Некои од нив управувале со акциите за кражба на автомобили и од затворот.

Кражбата на автомобили стана поисплатлив бизнис од шверцот на дрога, затоа што казните се помали, а заработувачката е многу повисока, посочуваат адвокатите. Во БиХ не постои официјална евиденција за украдени возила. Само во Сараево годишно се крадат околу илјада возила! Според официјалните податоци, во 2017 година во Босна и Херцеговина вкупно биле регистрирани 1.021.120 патнички моторни возила, а во главниот град сообраќаат 143.428 возила.

Цел на крадците се луксузните автомобили од марката „фолксваген“, БМВ, „порше“, „мерцедес“, како и поскапите модели на џипови, кои на црниот пазар се продаваат во просек за најмалку 15.000 марки (7.500 евра). Вредноста на украдените автомобили во Сараево на годишно ниво достигнува до 15 милиони марки. На ова треба да се додаде и „прометот“ на црниот пазар на автомобили што се остварува во Бања Лука, Добој, Биелина, Тузла, Зеница и Мостар. Така, криминалните групи остваруваат приход од 100 милиони КМ, во кои е вклучена и продажбата на делови од украдените автомобили.

Поголем дел од заработката е наменет за подмитување на неколкумина корумпирани полициски службеници, на судии, како и за набавка на специјализирана опрема за крадење на автомобилите. Во материјалните трошоци на криминалците влегуваат купувањето декодери, оружје, панцири, скенери за прислушување на полициските фреквенции и друга логистичка опрема. Но дел од колачот добиваат и лицата што ги следат сопствениците на луксузни возила, кои се познати како „типери“. Соодветен паричен надомест добиваат и механичарите, кои ги менуваат броевите на шасијата и лицата што ги издаваат документите за да може автомобилот да излезе слободно од просторот на БиХ. Во зависност од тоа кој простор го покрива одреден клан, украдените возила завршуваат во Црна Гора, Косово, Србија или Хрватска.

На пазарот во БиХ се продаваат возилата што се украдени од Унгарија, Романија и Бугарија. Во регионот најмногу возила се крадат во Сараево и во Белград. Според податоците на Интерпол, автомобилската мафија во Европа годишно заработува околу осум милијарди евра, а за истиот период се крадат речиси 1,2 милион возила. Како главни центри на автомобилската мафија на Балканот се наведени: Сараево, Бања Лука, Биелина, Подгорица, Приштина, Софија, Скопје, Белград, Нови Сад, Шабац, Сплит и Загреб.


Кражба на автомобил за две минути

Крадците користат различна опрема во зависност од моделот што е цел на кражбата. Постојат посебни декодери за секоја марка автомобил, со посебни шифри со кои се дешифрира компјутерот во возилото, со што се овозможува негово ставање во погон.
Во извршувањето на кражбата најчесто се користат два автомобила. Едниот е „чистач“, во случај да наиде полициска патрола, намерно прави сообраќаен прекршок за да ѝ се одвлече вниманието на полицијата. За тоа време другите учесници во кражбата безбедно заминуваат со украденото возило.
За да се украде луксузен автомобил е потребно помалку од две минути, велат полициски службеници, кои сведочеле во судските постапки во Кантоналниот суд во Сараево.