Зошто некои луѓе имаат ковид-19 со месеци?

Пациентите заболени од коронавирусот во крвта имаат голем број автоантитела, кои ги блокираат антителата што се борат против коронавирусот и напаѓаат уште неколку области, вклучувајќи ги мозокот, крвните садови и црниот дроб, тврдат научниците.
Ова е причината зошто некои луѓе со ковид-19 имаат долготрајни симптоми – како замор, отежнато дишење и проблеми со мозокот, покажа новата студија, што ја пренесува „Дејли мејл“.
Истражувачите од универзитетот „Јејл“ го преброиле бројот на автоантитела во крвта на 194 здравствени работници што биле позитивни на коронавирусот и ги споредиле резултатите со 30 здрави работници. Откриле дека здравите луѓе имаат многу помалку автоантитела од оние што имаат вирус.
Друга серија тестови откриле дека луѓето со повеќе автоантитела – кои ги напаѓаат истите органи за кои се знае дека се оштетени од ковид-19 – имале потешки симптоми на коронавирус. Научниците стравуваат дека негативниот ефект може да трае подолг временски период, предизвикувајќи така долг ковид-19.
Да потсетиме, вообичаеното искуство на ковид-19 е дека станува збор за краткорочно заболување, предизвикано од инфекција со новиот вирус САРС-КоВ-2. Луѓето обично закрепнуваат во рок од две недели или малку подолго. Сепак, станува сè појасно дека тоа не е случај со сите пациенти и дека овој период од две недели е само фаза на акутно заболување.

Проект спроведен од „Норт Бристол НХС траст“, кој ги проучува долгорочните ефекти на коронавирусот, покажал дека од вкупно 110 пациенти што биле прегледани по три месеци од закрепнувањето, дури 74 проценти и понатаму имаат некаков симптом.
– Пациентите со ковид-19 прават автоантитела што всушност се мешаат во имунолошкиот одговор на вирусот. Веруваме дека тие се штетни за пациентите со коронавирус. Бидејќи преживуваат подолг временски период, тие можат да придонесат за развојот на долгорочно заболување – истакна имунобиологот Арон Ринг, кој е еден од авторите на студијата.
Антителата се протеини што се борат против болести и кои имунолошкиот систем ги создава и складира за во иднина да се борат против „напаѓачите“ во форма на вируси.
Од друга страна, автоантителата го напаѓаат генетскиот материјал од човечки клетки наместо самиот вирус, односно ги напаѓаат сопствените клетки, ткива и органи на телото.