Пастата преку текот на обработка ја чисти и полира внатрешноста на моторот, а тоа му
овозможува и подобра работа

Постигнување ефикасност и моќ се едни од главните потреби за ефикасно работење на моторот на еден автомобил. Автомобилската индустрија од нејзиниот почеток се обидува да најде начини како да го подобри овој процес и да се постигнат високи перформанси на моторот.
За да се овозможи соодветна работа на моторот, како главен удел имаат процесот на согорување на горивото и дотекот на воздухот. Главно е да се овозможи ефикасно согорување на горивото, затоа што соодветно согорување дава побрз и помоќен автомобил.

Кога се произведува мотор за возило, при процесот на неговото лиење, во неговата финална форма завршува со внатрешни нерамнини. Тие нерамнини влијаат на процесот на согорување на горивото. Тука настапува процесот наречен АФМ. Процесот познат како абразивен тек на обработување или АФМ, претставува процес во кој хидраулична машина турка сива, мека, но истовремено абразивна паста низ металните делови како и на влезовите и цилиндричните глави на моторот. Пастата овозможува полирање на внатрешноста на моторот. Без овој процес полирањето на моторот е скоро невозможно, освен ако не се пресече на пола и се полира рачно. Се разбира, ова е помалку соодветно и тука АФМ настапува како незаменлив процес во автомобилската индустрија.

– Процесот наречен абразивен тек на обработување е процес во кој со хидраулична машина под притисок се движи абразивна материја кој ги чисти и измазнува деловите од моторот, како на пример цилиндрите – вели Гери Кубо, специјалист за истражување и развој на АФМ, за „Карс инсајдер“.

Постојат неколку важни процеси кои овозможуваат еден автомобил да биде брз и ефикасен. Искра, добро согорување на горивото и добро протекување на воздух во моторот се најважните процеси, вели Едвард Хуанг, кој работи 15 години како автомобилски техничар.

– Потребни се три основни нешта за да настане палење на моторот, тоа се воздух, гориво и искра. Воздухот од атмосферата влегува во моторот преку некој вид канал, првично преку воздушниот филтер, па сѐ до влезниот колектор. Таму воздухот изедначено се дистрибуира во секој индивидуален цилиндар и до коморите за согорување. Ако се зголеми протекувањето на воздух во моторот, компјутерскиот систем на моторот ќе го изедначи изнесувањето на воздух со соодветното потребно количество гориво. Тоа значи дека ако го зголемиме горивото ќе ја зголемиме и моќноста на моторот – вели Едвард Хуанг, техничкиот директор и коосновач на „М-Спек перформанс“, за „Карс инсајдер“.

Но како оваа абразивна паста ги зголемува коњските сили на автомобилот? Пастата која се користи е направена од комерцијален силиконски полимер кој содржи специјализирани силиконски карбидни честички, вели Гери Кубо. Пастата носи абразивен материјал, поточно силиконски карбидни честички и тој абразивен материјал што поминува под притисок низ цилиндрите, ги бруси и мазни несовршеностите во моторот. На овој начин се зголемува протекувањето на воздухот и се зголемува брзината на автомобилот, но не секогаш.

– Резултатите варираат во тоа кој дел од моторот се третира. Исто така има врска и дали моторот е со неопределена, изгребана и груба површина, тогаш подобрувањата ќе бидат драстични – вели Гери Кубо.

Исто така, за зголемување на моќта на возилото не секогаш е доволно само зголемување на протекување на воздухот. Треба да се овозможи баланс кога станува збор за протекување на воздухот. За воспоставување баланс треба да се земе предвид и издувот на автомобилот.

– Моторот во својата базична форма претставува воздушна пумпа. Ако имаме зголемен волумен на воздух при влезот, треба да имаме можност да ги испуштиме гасовите при излезот. Ако има големо внесување на воздух, но мал дијаметар на издувот, тогаш може да се задуши моторот – додава Едвард Хуанг.

Ако автомобилот губи моќ со текот на времето, можно е да не треба купување нови делови за да се зголеми брзината на автомобилот. Можно е да треба да се исчистат некои клучни делови кои го подобруваат дотекувањето на воздухот во моторот.

[email protected]