Судот во Брисел го осуди џихадистот Салах Абдеслам на 20 години затвор за терористички обид за убиство на полицајци. Абдеслам, единствениот преживеан од терористичките атентати во Париз на 13 ноември 2015, е осуден на 20 години затвор за престрелка со полиција во Брисел на 22 март 2016 година.
Абдеслам беше единствениот чиј експлозивен појас не се активира за време на париските атентати. Веднаш по париските атентати тој успеа да побегне во Брисел каде што со месеци се криел во повеќе станови низ градот. Абдеслам беше откриен од белгиската полиција кон средината на март 2016 година во стан во општината Форе во Брисел. Кога се обиде да побегне почна престрелка во која еден полицаец е тешко ранет. Една недела подоцна се случија бриселските напади на 22 март 2016 година.

Судот одлучи дека Абдеслам е виновен за обид за убиство на полицајци во терористички контекст. Одбраната на Салах Абдеслам бараше од судот да го отфрли „терористичкиот контекст“ од пресудата, што беше одбиено.
Абдеслам, кој е во притвор во Париз, на бриселското судење дојде само првиот ден во февруари. Тој тогаш одржа говор во кој порача дека има доверба само во „судот на Алах“. Абдеслам треба во 2020 година да одговара и за самите терористички атентати во Париз.