Џони Кеш – човекот во црно, кој пееше, љубеше и патеше

149

Џон Ар Џони Кеш е еден од најценетите американски пејачи и композитори. Музичката кариера ја почна како кантри-пејач, а со текот на времето во својата музика вметнуваше и елементи на рокенрол, рокабили, госпел, фолк и блуз. Беше познат по својот длабок бас-баритон глас, немирниот темперамент и проблемите со алкохолот и со дрогата. Исто така го паметиме и по неговиот „бум-чика-бум“ звук како локомотива на неговата група „Тенеси три“, по неговата бунтовност, и секако, по намуртеното лице и скромното однесување на сцената. Имаше обичај да свири бесплатни концерти во затворите за затворениците и константно да носи црна облека, по која беше наречен човекот во црно. Неговите концерти секогаш ги почнуваше со фразата: „Здраво, јас сум Џони Кеш“.

Пред крајот на 1950-тите години направи серија концерти по затворите, при што секој концерт го почнуваше со една од неговите најпознати песни „Folson Prison Blues“. Најголем број од неговите песни говорат за моралните турбуленции, тага, морална болка, искушение и спасение. Такви се „I Walk the Line“, „Ring of Fire“, „Get Rhythm“, „Man in Black“ и споменатата „Folson Prison Blues“. Преку своите песни се претставуваше како посветен, но проблематичен христијанин, поради што музичката критика го перципираше и претставуваше како леќи низ кои можат да се видат контрадикторностите и предизвиците на американското општество. Затоа е и наречен принц-филозоф на американската кантри-музика, иако тој самиот се гледал себеси како комплициран и контрадикторен човек. Кон средината на 1960-тите години почнал да создава концептуални албуми. Иако е наследник на шкотско благородништво, мислел дека има ирско потекло и дека делумно е Индијанец, па, така, ги создал песните „Apache Tears“ и „The Ballad od Ira Hayes“.

Во слава на Дивиот Запад го издал двојниот албум со каубојски песни „Ballads of the True West“. Во 1967 година со Џун Картер, која подоцна ќе му стане втора сопруга, ја снимил извонредната песна „Jackson“ за која истата година добива „греми“. Кеш се обидел и како ТВ-водител и актер. Од 1969 година до 1971 година имал свое сопствено шоу „Џони Кеш шоу“ на каналот Еи-би-си. Во шоуто канел познати музичари како рокабили-легендата Карл Перкинс, канадскиот хит мејкер Нил Јанг, легендарниот трубач и џез-пејач Луис Армстронг, кантри-пејачот Кени Роџерс, соул-легендата Реј Чарлс, блуз-волшебникот Ерик Клептон и големиот кант-автор, музичар и пејач Боб Дилан. Во тој период започнува да настапува само во црна облека, па затоа и е наречен човекот во црно, поради што подоцна и ја напишал песната со ист наслов.

Својот начин на облекување го објаснувал така што велел дека тоа го прави во чест на сиромашните и гладните, да го сврти вниманието кон затворениците што долго лежеле по затворите, но и кон оние што биле слаби кон алкохолот и дрогата. Инаку, и самиот имал проблем со алкохолот и со дрогата и бил зависен од амфетамини и барбитурати. Континуирано градел одметнички имиџ, повеќепати бил приведуван за користење дроги и возење во алкохолизирана состојба. Секогаш бил пуштан и никогаш не одлежал затворска казна. Во 1980-тите години неговата кариера западнала во криза, но благодарејќи на поддршката од неговата сопруга Џун Картер и неговата решеност да се излекува од зависностите (алкохол и дрога), Кеш во средината на 1990-тите години, на музичката сцена се вратил на голема врата. Во кариерата соработувал со Вили Нелсон, Крис Кристоферсон и Вејлон Џенингс, со кои свирел во групата „Хајвејмен“ со која направиле два хит албума, како и со Џери Ли Луис, Рој Oрбисон и Карл Перкинс, со кои го снимил албумот „Class of’ 55“.

Во последната фаза од својот живот Џони Кеш снимил пет албуми, на кои, со само нему својствен стил, обработил песни, како од нови така и од стари автори и групи. Не треба посебно да се нагласува дека многу од неговите изведби ги надминувале оригиналните верзии.
Како кантри-музичар и пејач Кеш важи за најмажествен романтичар во музиката, кој низ целата своја кариера на сцената со гитара во рацете пее за љубовта и притоа е облечен во црно. Неговиот длабок глас ретко кого го оставаше рамнодушен. Пееше за социјално запоставените, за рударите, за робијашите, за каубоите и се разбира за љубовта. Со неговите музички хитови тој стана култна личност не само кај љубителите на кантри-музиката, туку и кај обожавателите на рок и поп-музиката. Тоа најдобро го отсликуваат песната „Hurt“ и видеоспотот за истата таа. Тоа е негова преработка на оригиналот на групата „Најн инч нејлс“. Неговата верзија на оваа песна е ретроспектива на неговата кариера и презентација на чувствата за жалење.

Песната недвосмислено укажува на трагедијата што ја доживува зависникот од опијати. Во неа Кеш пее за минливоста на животот, стареењето, распаѓањето на целиот еден опус, крајот на една голема епоха и за смртта. Тој пее за болното сознание дека најблиските пријатели си одат од овој свет еден по друг. Песната е негова разделба и збогум од оние што го сакаа, но и крик за разбирање. Видеото за песната ги крши срцата и е прогласено за најтажен видеоспот на светот.

Џони Кеш има снимено 55 студиски и 6 албуми во живо. Од неговите хит песни направени се дури 104 компилации. Дефинитивно е најголемиот симбол на кантри-музиката, но и музичар што влијаел на развојот на жанровите рокенрол, блуз, рокабили, фолк и госпел. Затоа и е примен во три куќи на славните: Куќа на славните текстописци (1977), Куќа на славните кантри-музичари (1980) и Куќа на славните рокенрол-музичари (1992). Во 1999 година доби „греми“ за животно дело, во 2001 година му е доделен Национален медал за уметност, а во 2004 година од магазинот „Ролинг Стоун“ е рангиран на 31-то место на листата 100 најголеми музички артисти на сите времиња. За него е снимен прекрасен филм „Walk the Line“ со Жоакин Финикс и со Рис Витерспун, која за улогата во истиот тој доби филмска награда „оскар“.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)