Ќе заживее ли градежништвото?

209

Проблематично е што стагнацијата на градежништвото предизвикува стагнација на целата економија. Градежништвото долги години ја влече домашната економија, а ако не се реализираат планираните градежни инфраструктурни зафати, и понатаму нема да расте домашната економија

Ќе успее ли македонската влада да ги реализира планираните градежни инфраструктурни зафати и да искористи 80 отсто од предвидените средства за оваа намена? Деновиве министерот за транспорт и врски најави интензивирање на градежните активности, особено во третиот и четвртиот квартал и забрзување на реализацијата на проектите.
Ова би значело дека властите планираат повеќе да работат на отворено во текот на есента и зимата, што, според многумина, е малку парадоксално, бидејќи оптимален период за градежни активности е летниот, кога временските услови се најпогодни за работа на отворено.

Малку е нелогично што Владата очекува да направи голема градежна експанзија среде есен и зима. Според најавите во третиот, а особено во четвртиот квартал ќе има драстично зголемување на реализацијата на капиталните инвестиции. Ова се оптимистички прогнози на министерот за транспорт и врски, откако во медиумите проструија информации дека во првите седум месеци се потрошени само 20 отсто од предвидените 390 милиони евра за капитални проекти, што е најниско ниво во последните десет години.
Вообичаено, најпогодно време за градежните активности се смета летото, иако во последниве години ги има во текот на целата година.

Проблематично е што стагнацијата на градежништвото предизвикува стагнација на целата економија. Градежништвото долги години ја влече домашната економија, а ако не се реализираат планираните градежни инфраструктурни зафати, и понатаму нема да расте домашната економија.
Минатата година Македонија не оствари никаков економски пораст, а за годинава, по првичната прогноза за раст од 3,2 отсто, Светска банка ја намали својата прогноза за економски пораст на 2,3 проценти. Следната година, СБ прогнозира 2,7 отсто пораст, а во 2020 само 3 проценти. Ова се намалени проекции, бидејќи претходно Светска банка за 2020 година за Македонија прогнозираше 4 отсто пораст. За оваа година за Македонија се предвидува најмал пораст во регионот на Западен Балкан.

Врз намалувањето на прогнозите за пораст, секако, големо влијание има стагнацијата на градежништвото и неизградбата на капиталните инвестиции.
Експертите и бизнисмените во повеќе наврати укажуваа дека е неопходна реализација на овие проекти, за македонската економија да има подем.
Стопанствениците велат дека Владата мора да биде поактивна во реализацијата на инфраструктурните проекти, затоа што бизнисот трпи голема штета од лошата инвестициска политика.

Првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, неодамна истакна дека Владата мора целосно да ги реализира планираните и ветени проекти, особено ако сака пораст од 3 до 5 проценти. Азески посочи дека инфраструктурата во Македонија е во многу лоша состојба и истакна дека немаме пруга, дека не го користиме целосно гасот што го добиваме од Русија, дека главните автоделници се изградени пред 50 години… Тој истакна дека поради лошата состојба на патиштата и на коридорите, бизнисмените непотребно прават дополнителни трошоци, што влијае врз нивната конкурентност.

Економските експерти, пак, укажуваа дека поради забавувањето на важни инфраструктурни проекти и забавеноста на реализацијата на странските директни инвестиции, стапката на пораст ќе има надолна линија и за цела 2018 година. Според претставниците на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, Владата треба да се фокусира на заживување на порастот, со фокус на креирање нова вредност во економијата.

Поразителните податоци, според надлежните, се поради бавното повлекување на парите од кредитната линија за гасификацијата, но се очекува интензивирање на работите до крајот на годинава.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, најави дека очекуваат да се интензивираат работите со зголемување на активностите за реализација на гасификацијата. Тој појасни дека се интензивира работата со експропријацијата на гасификацијата, за што исто така се обезбедени средства од буџетот. Сугаревски укажуваше исто така дека со потпишување на анекс-договорот за првата делница Куманово – Бељаковце, интензивно ќе продолжи изградбата на тој дел, бидејќи и таму има средства што се во Министерството за транспорт и врски. Министерот истакна дека сите активности ќе бидат интензивирани во третиот квартал и најизразени во четвртиот квартал.

Но неизбежно се поставува прашањето како ќе успеат да ги реализираат планираните активности во следниов период, па дури и до 60 отсто, ако досега беа спроведени само 20 проценти од плановите.
Според податоци објавени од Министерството за финансии, од почетокот на годината се реализирани 80 од предвидените 390 милиони евра за капитални проекти. Најголема реализација има во јули, кога се потрошени 18 милиони евра за капитални инвестиции. Сепак, властите сметаат дека годинава ќе успеат да ја завршат според планот, односно со реализација на капиталните инвестиции од над 80 проценти.
За пораст на домашната економија е доста важно да успеат плановите на Владата и парите да се искористат за реализација на капиталните проекти, за подобрување на инфраструктурата, која исто така е неопходна за развој на економијата.

Секоја сериозна земја што сака да напредува и да ја развива економијата мора да обезбеди соодветна патна инфраструктура, преку која ќе се превезуваа стоката. Квалитетна инфраструктура е неопходна за домашните компании полесно да се поврзат со странските, или да дојдат полесно до нови пазари за пласман на своите производи.

Поради ненавременото комплетирање на коридорот 8 во Македонија, транспортерите ја заобиколуваат нашата земја со користење на коридорот 4, што за нас ќе значи голема загуба ако продолжи истото темпо. Реалната закана што доаѓа од овој коридор, покрај другото, е и поради подобрата позиција на овие земји како членки на ЕУ. Ваквиот развој неповолно би ја изменил геостратегиската позиција на Република Македонија.

Но, без да навлегуваме во детали, факт е дека ни се неопходни квалитетни патишта, за полесен транспорт и побрза комуникација, а за сето тоа се неопходни инвестиции, што, од другата страна, ќе предизвика градежен бум и пораст на домашната економија.