Јуниорите со меч со В. Британија тргнуваат кон врвот

74

Најдобрата селекција од ЕХФ-шампионатот дивизија Б во Скопје ќе се пласира на следното Европско првенство во младинска конкуренција

Со денешниот пладневен меч, помеѓу Белорусија и Грција од групата А, ќе почне јуниорскиот шампионат на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизијата Б, кој во следните десетина дена ќе се игра во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Јуниорската селекција на Македонија, составена од ракометари до 20 години, во првенството влегува со една цел – освојување на првото место во групата Б и победа во полуфиналните вкрстување со двете најдобри селекции во групата А. Само најдобрата селекција ќе оствари пласман на следното Европско првенство во младинска конкуренција.

– Секој од нас е свесен за тежината и за важноста на овој шампионат, а со денешниот прв меч против Велика Британија тргнуваме кон целта што на сите ни е добро позната. Во изминатиот период од подготовките, и од играчите и од стручниот штаб го извадивме максимумот и сметам дека сме оптимално подготвени за ова големо натпреварување – изјави селекторот Данило Брестовац.
Прв противник на Македонија на патот кон целта е селекцијата на Велика Британија (20 часот), а во следните денови следуваат и дуелите со Италија, Швајцарија и со Украина.

– Во последните денови од подготовките почнавме и со видеоанализи на селекциите што ги спроведуваме на терен. Во првиот натпревар очекувам максимална дисциплина, нападот ќе биде ограничен со зададени варијации, а во одбраната ќе демонстрираме еден нов систем со поголема доза агресивност – рече Брестовац.
Сите мечеви од шампионатот ќе бидат пренесувани во живо на каналот ЕХФ ТВ (www.ehf TV.com) и на официјалната интернет-страница на турнирот (https://m20championship2018.mk). Влезот во салата е слободен.

Поширок список на селекторот: Виктор Василевски, Андреј Петковски, Матеј Петковски, Марко Кизиќ, Димитар Димитриоски, Иван Димитровски, Глигор Гајиќ, Марио Танкоски, Дејан Кукуловски, Дарио Петровски, Марко Мишевски, Томислав Јагуриновски, Томче Стојановски, Мице Шилегов, Дејан Ѓошевски, Филип Арсеновски, Стефан Атанасовски, Филип Андонов, Игор Ѓорѓиев, Дејан Џигеровски, Бобан Каковски, Мартин Серафимов, Ненад Костески, Андреј Митиќ.