Ја имаме првата банка во која миленичињата се добредојдени

2131

Ние сме свесни дека домашните миленичиња се третираат како дел од семејството и заслужуваат да имаат дозволен пристап во нашите простории, велат од Шпаркасе банка Македонија

Шпаркасе банка Македонија е прва банка во Македонија во која миленичињата се добредојдени, односно клиентите можат да ги посетат експозитурите заедно со нив.
– Ние сме свесни дека домашните миленичиња се третираат како дел од семејството и заслужуваат да имаат дозволен пристап во нашите простории. Сепак имаме одредени правила на однесување што се објавени во експозитурите. Сопственикот на миленичето е одговорен за неговото однесување и се грижи за сигурноста на другите присутни во експозитурата, како и да не се наруши работната атмосфера и хигиената – вели Тодорка Сајкова, директорка на службата за маркетинг и комуникација во Шпаркасе банка.

Таа ни сподели дека идејата Шпаркасе банка Македонија да стане банка во која миленичињата се добредојдени не е нова, туку напротив тоа е иницијатива што произлегла од нивните колеги од групациите Шпаркасе и Ерсте, кои пред три години го воведоа овој концепт. Исто така, вработените во Шпаркасе се големи љубители на животните и силно ја поддржуваат иницијативата.
– Во нашиот фокус се потребите на клиентите и светските трендови. Сѐ повеќе угостителски објекти и институции во нашата држава се приспособуваат на очекувањата и потребите на своите клиенти, особено во создавањето услови за посети со своите домашни миленичиња. Затоа, ние уште од средината на минатата година одлучивме две наши експозитури да направиме да бидат достапни за посети со домашните миленици и да им овозможиме на нашите клиенти и посетители да ги завршат своите банкарски обврски заедно со нив. Во овие две експозитури е одреден простор за домашните миленици, во кој обезбедивме чинија за вода и простирка на која можат да седат – вели Сајкова.

Таа додава дека реакциите за воведувањето на таквиот концепт од клиентите и од пошироката јавност се навистина позитивни и охрабрувачки за да го задржат и да размислат за негово воведување во поголем број експозитури.
– Кога ја споделивме оваа вест преку социјалните мрежи добивме голем број позитивни коментари и поддршка, посочувајќи нѐ како вистинска општествено одговорна компанија, која внимава и на заштитата и правата на животните. Секако тоа беше една од најинтересните објави за која добивме голем број лајкови и споделувања. Особено голема поддршка добиваме од многубројните здруженија на граѓани за заштита на правата на животните, со кои воспоставивме комуникација и се трудиме да им помогнеме во активностите за издигнување на свеста за поголема грижа кон бездомните животни, со лекување, стерилизација и сместување во соодветни прифатни центри – додава Сајкова.

Иницијативата за банка во која миленичињата се добредојдени е чекор кон практиката на големите банкарски институции во светот. Сепак, анализирано под лупата на банкарското работење, во Македонија идејата е сѐ уште благ почетокот на концептот, кој значи проширување на размерот на активностите што претставуваат традиционално банкарско работење.
– Замислете, голем дел од банките во светот веќе нудат штедни производи за клиентите што имаат милениче, кои се карактеризираат со помали трошоци и конкурентни каматни стапки. Уште пофасцинантен е примерот на американските банкарски групации, кои дури имаат развиено платформи преку кои ги советуваат клиентите како да се подготват за трошоците што произлегуваат од чувањето домашно милениче – нѐ информира Сајкова.