Јас сум феноменален

1847

Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите, само под услов од трибините да се исфрлат граѓаните на „Северџанистан“, затоа што тие не ги исполнуваат елементарните услови да бидат народ. Цитат затворен.
Стварно не ми е јасно зошто сте грабнале да се пенавите за Гоце Делчев. Нека биде Бугарин. Најдобро е да биде Марсовец, ама ете, Марс не влече со себе историски фрустрации, па не се граба за него. Затоа нека си го носат Бугарите. Оти Македонец не може да биде. Македонци веќе не постојат. Ако светот ги ословува како северномакедонци, а дома се во графата граѓани на Северна Македонија, тогаш Македонци не постојат. Делчев не може да биде нешто што веќе не постои. Слободен е. На него имаат право сите други. Од Марсовци до Бугари. Затоа без падавичарење. Поточно, марш таму! Кога ќе видиш 150.000 луѓе на улица за прослава на титула, а 150 за насилна промена на име, идентитет и историја, нема што да се зборува понатаму. Да знаеше Гоце што ќе се случи, Турчин ќе станеше, сосе Анѓа заедно. Нивните потомци ќе беа горди на својата силна татковина, вака, мизерија. Се жртвуваше за слободата на Македонија и наеднаш неговите распрдени потомци му се посраа на сето тоа за да не плаќаат радиодифузна такса. Затоа, доста веќе за Делчев. Дај фатете се за сериозни теми. Каде на одмор? Халкидики или Јадран? Анталија или Шпанија? Охрид или Дојран?

Туку, мене парадава ме загрижува. Никако да ја организираме. Ма не сме ни почнале да ја смислуваме. Море воопшто не сме се собрале да продискутираме на таа тема. А не дека не е потребна. Една парада на гордоста, оти ние, горди битија сме. Имаме десет илјади причини да бидеме погорди од педерите, лезбачите и транџите. Не ми верувате? Геј може да стане секој, па и травестит. Ние се раѓаме еден на десет илјади. А тоа не е заебанција, феномен сме. Јас би додал, феноменални сме. Има растенија и животни специфични како нас. Чудо сме на природата. А за чудата треба да се има почит. Медицината нема одговор за нашата чудесност, само претпоставки. Што е крунски доказ дека сме посебни. А кога нешто е чудно, посебно и феноменално, ги плаши обичните. Обичноста и просечноста најчесто одат заедно. Тие се плашат од различноста. Затоа и ја маргинализираат. Факт е, ние сме маргинализирани. Дури и во цивилизираните средини како што сака да се декларира нашава. Нè зјапаат како да сме паднати од небото, дофрлаат, знаат и да нападнат. И во светот е така. Во многу држави низ Африка нè ловат како трофеи. Некаде сме доживувани како магиски битија, натприродни. И тоа доведува до маргинализација. Во Холивуд ни даваат улоги на страшни негативци или сме ликови за исмевање. Тоа мора да се промени. Затоа светот, политиката, невладиниот сектор мора да ги истури своите милиони евра и долари за нас. Да ни организира паради, настани, викенди и недели на гордоста. Да нè третираат како посебни. Да можеме хистерично да судиме и обвинуваме за туѓ говор на омраза. Да ги сатанизираме оние што сметаат дека не сме феноменални. Во холивудските филмови мора да има по еден од нас, макар и спореден лик. И мора да се истакне во сценариото дека ние сме феноменални, дека сме кул. Како што се прави тоа за ЛГБТИ-популацијата. Оти ние, да повторам, десет илјади пати повеќе го заслужуваме тоа. ЛГБТИ може секој да биде, ама албино феномен, не.

Русјаков!!!
Што е? Зошто толку извичници?
Престани со самофеноменализирање!
Самофеноменализирање? Ууу, супер збор. Баш сум феноменален.
Од каде ти кога јас го смислив зборот?
Ти? А тебе кој те смисли? Кој те смести среде дијалогов во колумна?
Ти ме смисли?
Па јас, секако. Затоа што сум феноменален феномен.
Одиме понатаму… Добра вест! Промената на пол ќе ја плаќа државата. Конечно ќе си ја фатам онаа супер згодна лезбејка. Ме обожава. И мене и моите стихови. Ама нејќе мажи. Сега, олеснет ми е патот до неа. Кога ќе си здодееме еден на друг ќе се фатам со другарка ѝ. И таа е фантастична. И ме сака. Ама не е лезбејка. Баш ми е гајле. Државата плаќа промена на пол. Само да не фатам некој опасен грип во меѓувреме. Може конци да скинам по болнициве. Ни лекови има, ни доктори, а камоли услуги.
Русјаков!
Повели…
Го слушна што рече францускиот амбасадор?
Нешто прочитав.

Е па, како рече? Дека сме блесави или блескави?
Рече дека сме блесави. Ама ти не разбираш. Тоа е стилизиран и модерен, политички коректен француски јазик. На тој француски, блесав, односно, л’блесо, значи блескави. Политички блескави.
Лоша вест, ќе нè рокне метеор, на 9 септември. А тамам заблескавме. И сега, ако метеорот нè акне на 9 септември, дали тоа значи дека нема веќе да има октомври? Што е многу гадно, ако е така. Оти ако нема октомври, ќе нема ниту ноември, ниту декември. На секој нормален северџанистанец тоа тешко ќе му падне. Затоа што во декември е Нова година. Проклетиот метеор ќе ни ги расипе плановите. Си добил датум за преговори и тоа ќе треба да се прослави. Еден куп луѓе веќе имаат закажано промена на пол и уплатено седум дена скијање во Банско. Само уште, во меѓувреме, да го спасиме МКЦ и рајот е близу. И одеднаш, факинг метеор. Гарант е смртоносна руска пропаганда. Русите не ѝ посакуваат добро на нашата блескава држава. Љубоморни се, полни завидлизам. Очигледно е дека метеорот се движи кон Земјата под руско влијание.
Русјаков, кога веќе го спомена МКЦ, зошто тебе те нема на списокот?
Јас сум премногу феноменален за такви списоци на обични смртници.
Многу нешто си аздисал! Ти изгледа не си седел во канцеларија на еден скопски градоначалник.
Не. Што се случува таму?
Целосен ЕУ-третман, седиш врзан додека не ти се отворат сите поглавја на главата како дел од воспитни преговори.

Хмм, интересно. Тој градоначалник е веднаш за во ЕУ, или за директор на МКЦ. Само прво да се признае дека е Бугарин. А мене ЕУ не ми треба. Премногу се обични за мојата феноменалност.