Јапонските галеристи се интересираа за моите дела

300

Јана Манева Чупоска, уметница

Јана Манева Чупоска се претстави на „Арт фер Токио“ со циклусот „Портретирани сеќавања“, а деновиве доби и покана да учествува на меѓународен
проект под кураторство на Санда Бајзек од Загреб, создаден под инспирација од „Фемина 8/4“, како омаж на сликарката Нивес Кавуриќ-Куртовиќ

Уметницата Јана Манева Чуповска, која е кураторка на познатиот, меѓународен ликовен проект „Фемина“, а наедно и ректорка на Европскиот универзитет во Скопје, годинава во својата професионална биографија веќе го забележа учеството на „Арт фер Токио“ во текот на март во Јапонија. Таму се претстави со својот авторски циклус „Портретирани сеќавања“ како единствена учесничка од Македонија меѓу уметници од 31 земја од светот. Со себе понесе мошне впечатлив каталог на англиско-јапонски јазик, предупредена од поранешната македонска амбасадорка во Јапонија, Андријана Цветковиќ, по чија покана и отиде на овој познат саем на уметноста, дека многу од Јапонците не го говорат добро англискиот јазик и дека на тој начин ќе може да им го приближи својот сензибилитет. Дизајнот на каталогот е дело на Снежана Давиткова, апсолвентка на Европскиот универзитет и нејзина студентка, а Манева Чуповска, меѓу многуте моменти од престојот на саемот, кои ѝ оставиле голем впечаток, го издвои и покажаниот интерес од присутните галеристи за нејзините дела.

– Паралелно додека ние уметниците изложувавме на саемот, на другата страна имаше стотици галеристи што ги презентираа сликите од нивните колекции.

Каталогот содржи информации за дела од повеќе периоди и циклуси од моето творештво, а го правев со надеж дека ќе го дистрибуирам знаејќи дека тамошните галеристи, кои се доста моќни, ќе бидат таму и ќе работат на запознавање на уметниците. За моите дела таму пројавија интерес два-тројца галеристи, рекоа дека каталогот многу им значи, но посочија дека сакаат да ги видат делата во оригинал, што е разбирливо во професионалниот процес, да им го испратам целиот циклус во Јапонија, бидејќи галеристите уште потешко би дошле во Скопје. Не знам што ќе биде понатаму, земјата е далечна, за испраќањето потребни се доста финансии и осигурување. За мене е успех што се појави интерес за моите дела, а колку и да звучи сурово, навистина е така, бидејќи галеристите можеа само да го погледнат каталогот и толку – вели Манева Чуповска.

Соочена директно во таа пригода со тамошниот однос кон уметноста, смета дека во Јапонија уметноста во голем дел почива на дисциплината, традицијата и на талентот на авторите. Нагласи дека Јапонија ја доживеала како друг свет во секој поглед, и културолошки и социолошки, а ја импресионирала и јапонската естетика во која, како што рече, „од една страна се чувствува традиционалноста од која тие не бегаат, а од друга страна, сѐ е крајно современо, прочистено, функционално“.

Манева Чуповска ја сподели својата фасцинација од совршената организација на уметничкиот саем со еден генерален куратор, но и со ангажирани куратори, кои имале задача секој од присутните автори достојно да ги презентираат пред јавноста во Токио. Ја воодушевила љубопитната јапонска публика, која смета дека има и дисциплина за гледање дела, но и дека веднаш не просудува. Публика, која, како што рече, доаѓањето на уметници од Балканот го смета за раритет, многу малку знае за некогашна Југославија, а воопшто не знае за Македонија.

– Ме прашуваа за Тито, каква ни е државата, религијата во неа, дали имаме војна, каква ни е храната, а гледајќи ги моите дела и што значи автентичен фолклор кај нас, бидејќи јас во „Портретирани сеќавања“ имам орнаменти од плетки типични за Македонија. Ги интересираа називите на плетките, но и каква е положбата на жената кај нас. Кога говориме за положбата на жените, пак, во Јапонија многу често од жените таму го слушав заклучокот дека всушност тие и немаат многу големи права.

Освен што имаат комодитет во делот на финансиите, женските права им се движат во традиционални рамки. Една од уметниците со која стапив во контакт и планирам идната година да ја поканам да учествува на „Фемина“ се претстави со инсталација со која упати јавна порака дека жената во Јапонија е обесправена. Јас лично зборував со неа и бев малку шокирана бидејќи ми рече дека сѐ што гледам во земјата во однос на женските права е обична шминка. Таа нагласи дека и жените што имаат семејно насилство во семејството како во нејзиното, немаат големи шанси да се изборат за своите права. Таа ќе биде дел од „Фемина“, се разбира, доколку тој и понатаму континуирано се реализира – нагласува нашата уметница.

Од својата фасцинација од Јапонија по враќањето во Скопје, таа ги издвои и јапонскиот квалитет особено во уметноста, во модата, во графичкиот дизајн, во анимираниот филм, но изрази и надеж дека поранешната амбасадорка во Јапонија, Андријана Цветковиќ, која е и режисерка и фотографка, ќе има можност повторно да биде избрана на истата функција.

– На патувањето во Јапонија можев да видам колку многу таа е почитувана таму и има влијание во одредени кругови, конкретно во Токио каде што живее 12 години. Таа е одличен пример дека уметниците можат да бидат амбасадори, не само преку нивното творештво, со нејзините менаџерски способности, но и поради нејзиниот уметнички сензибилитет – вели Манева Чупоска.

Таа од позиција на ректорка на Европскиот универзитет нагласи и дека овој престој во далечната земја меѓу другото ѝ овозможил и воспоставување нови универзитетски контакти, меѓу другите и со Универзитетот за уметност во Токио.

Деновиве Манева Чупоска доби и покана да учествува на меѓународен проект под кураторство на историчарката на уметноста Санда Бајзек од Загреб, создаден токму под инспирација од „Фемина 8/4“, кој се одржа лани во земјава и беше посветен на познатата македонска сликарка и професорка во пензија, Ана Темкова. Бајзек, како што посочува Манева Чупоска, прави омаж на покојната сликарка Нивес Кавуриќ-Куртовиќ, лична пријателка на Темкова, која исто така ќе учествува во меѓународниот проект заедно со уште две уметници од земјава: Наташа Милованчев и Марина Коцарев Ранисављева. Сликарката Нивес Кавуриќ Куртовиќ (1938 – 2016), која е позната и како прва дама на хрватското сликарство во неговата историја е забележана како авторка на надреалистични и фантазмагорични дела со немирен ракопис и префинет колорит.