Јакнење на иновативниот капацитет за позитивен импулс на економијата

680
Финансиската поддршка што ја дава ЕИБ се од големо значење за земјава Фото: Игор Бансколиев

За развој на економијата е потребна подобра реализација на капиталните инвестиции за да се оствари планираниот пораст, бидејќи тие се многу значајни во стимулирањето на економскиот пораст

Земјите од регионот треба меѓусебно да се поврзуваат и да соработуваат, да има непречен проток на стоки и на луѓе. За поголем економски развој земјите, вклучувајќи ја и Македонија, треба да работат на зголемување на реализацијата на капиталните инвестиции, преку изработка на добри реални проекти, но и јакнење на иновативниот капацитет на универзитетите и истражувачките центри, кои во соработка со бизнис-центарот ќе можат да ѝ дадат позитивен импулс на економијата.
Ова се дел од размислувањата на учесниците на дебатата за предизвиците на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во поддршката на економскиот развој на земјите од Западен Балкан.

– Најважно е да ја поддржиме натамошната регионална поврзаност на земјите преку поддршка на инфраструктурата, за да може регионот да се интегрира самиот пред да биде дел од ЕУ – истакна Дубравка Негре од ЕИБ.
Таа додаде дека банката дава поддршка и за малите и за средните компании и дека тоа се всушност бизнисите на кои им треба пристап до средства.
– За развој на економијата е потребна подобра реализација на капиталните инвестиции за да се оствари планираниот пораст, бидејќи тие се многу значајни во стимулирањето на економскиот пораст – објаснува Негре.
Според неа, има позитивни импулси што упатуваат дека е можно да се покаже ниското ниво на искористеност на средствата за капитални инвестиции забележано во првите три месеци од годината.
– За да има добра искористеност на средствата се потребни добри проекти, бидејќи има многу расположливи средства од ЕУ-фондовите, преку кои може да се помогне и поттикне јавната потрошувачка – истакна Негре.

Даниела Мамучевска, раководителка Центарот за податоци и информации на ЕУ, се согласува со ставот дека добрите проекти се од исклучителна важност за реализација на инвестициите.
– Целокупната финансиска поддршка и експертиза што ги дава ЕИБ досега се од големо значење за земјава. Но во иднина треба да научиме тоа да го кренеме на ниво на одржливост и да го задржиме тоа ниво. Треба да го развиваме нашиот капацитет како држава, да ги јакнеме нашите истражувачки капацитети во насока да создаваме идеи за проекти што ќе го јакнат иновативниот капацитет и на универзитетите и на истражувачките центри, а потоа во соработка со бизнис-заедницата да можат овие ефекти на долг рок да бидат преточени во конкретен пораст и развој на нашата економија. Тоа е предизвикот со кој се соочуваме – истакна Мамучевска.