Јаглеродниот моноксид претходник за живот на други планети

139

Ако научниците го бараат И Ти во вселената, можеби соединението јаглерод моноксид ќе ги одведе до него. Една нова студија сугерира дека отровниот гас, кој го спречува кислородот во крвта да се пренесува до виталните делови на телото, може да биде ветувачки биопотпис за постоење на вонземски живот на други планети. Научниците треба да го разгледаат овој гас и покрај штетниот потенцијал што го има.

Сите планети во нашиот Сончев Систем се вртат околу Сонцето. Планетите што патуваат околу други ѕвезди се нарекуваат егзопланети. Тие многу тешко се забележуваат со обични телескопи. Причината за ова лежи во сонцата што блескаат со силен интензитет, кој ги затскрива планетите што кружат околу нив.

– Тоа значи дека можеме да очекуваме во атмосферата на егзопланетите да има изобилство јаглерод моноксид, но тие да се сиромашни со кислород. Ова е совршен пример за мисијата на нашиот тим да го искористиме минатото на Земјата како водич во потрагата по живот на други места во универзумот – вели за „Њујорк пост“ Тимоти Лион, еден од коавторите на студијата „Преиспитување на антибиопотписите во потрагата по живот надвор од Сончевиот Систем“.

Студијата, објавена во „Астрономикал џурнал“, разгледува две сценарија, од кои едното е од аспект на историјата на Земјата. Тоа сценарио укажува дека Земјата има многу поинаков хемиски состав отколку што имала пред три милијарди години. Во тој период Земјата имала значително зголемено количество јаглероден моноксид во атмосферата за разлика од денес. Моделот во истражувањето открива дека античката верзија на Земјата можела да поддржи дури милионити делови на јаглероден моноксид, или неколкупати повеќе отколку во атмосферата денес. Тоа значи дека планетите што имаат големи количества јаглерод моноксид имаат предиспозиции на нив да се развие живот. Второто сценарио што се разгледува во студијата е уште поповолно за јаглерод моноксидот како биопотпис за живот на други планети. Црвените џуџиња, како што е Проксима Кентаури, ѕвездата што е најблиску до Сонцето, може да се егзопланети што се богати со кислород, кои исто така содржат изобилство јаглерод моноксид.

– Со оглед на различниот астрофизички контекст за овие планети, не треба да бидеме изненадени ако пронајдеме микробиолошки биосфери што промовираат високо ниво јаглерод моноксид. Сепак, тие сигурно нема да бидат добри места за луѓе или животни како што ги знаеме на Земјата – вели водечкиот автор на студијата Едвард Швиерман за „Њујорк пост“.

Во јануари слична студија покажала дека егзопланетите богати со кислород не мора да содржат вонземски живот и покрај тоа што се клучни компоненти за животот на Земјата. Надежта за истражувачите што бараат вонземски живот е претстојното отворање на вселенскиот телескоп „Џејмс веб спејс“, со кој се прави обид да се осознае оваа теорија. Тој е назначен за лансирање во март 2021 година, а НАСА вели дека ќе ја проучи секоја фаза во историјата на нашиот универзум, почнувајќи од големата експлозија, или т.н. „Биг бенг“, формирањето на сончевите системи способни да го поддржат животот на планети како Земјата, до еволуцијата на нашиот Сончев Систем.

 

[email protected]