Ѓоковиќ сега е сам на врвот со најмногу големи трофеи

739

По триумфот во Париз тој сега има 55 трофеи од гранслеми, АТП-финалиња и турнири од серијата „мастерс 1.000“, по еден повеќе од Федерер и од Надал

Со триумфот во Париз, на турнирот од серијата „мастерс 1.000“ Новак Ѓоковиќ поведе во трката со Роже Федерер и со Рафаел Надал за најмногу трофеи од најголемите турнири во светот, пишува на официјалната интернет-страница на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). За најголеми турнири во една година се сметаат гранслемите (четири), турнирите „мастерс 1.000“ (девет) и завршниот турнир на АТП на крајот на секоја година.

Така, Ѓоковиќ сега има вкупно 55 големи трофеи, и тоа 16 гранслеми, 34 од серијата „мастерс 1.000“ и пет од АТП-финалињата. Федерер и Надал имаат по 54, и тоа Швајцарецот 20 гранслеми, 28 мастерси и шест финалиња на АТП, а Шпанецот 19 гранслеми и 35 мастерси (нема трофеј од завршниот турнир на АТП).

Ѓоковиќ годинава освои четири големи трофеи, и тоа гранслемите во Австралија (финале со Надал) и на Вимблдон (финале со Федерер) и од серијата „мастерс 1.000“ во Мадрид (финале со Стефанос Циципас) и во Париз (финале со Денис Шаповалов). Тој има барем по четири големи трофеи втора година во низа, а деветти пат вкупно.
Годинава четири големи трофеи има и Надал, со победите на гранслемите Ролан Гарос (против Доминик Тим) и САД опен (против Данил Медведев), и на мастерсите во Рим (финале со Ѓоковиќ) и во Монтреал (финале со Медведев). Федерер, пак, годинава победи во Мајами на турнирот од серијата „мастерс 1.000“ (финале со Џон Изнер).

АТП пресметала дека на Ѓоковиќ му биле потребни во просек настапи на по 3,3 турнири за да освои еден голем трофеј. Просекот на Надал е 3,4, а на Федерер 4,3 турнири за еден трофеј. 


Трката за првото место ќе се води во Лондон до „последниот поен“

Рафаел Надал (33) вчера осми пат во кариерата стана светски тенисер број еден, на листата на АТП. Шпанецот е вториот најстар тенисер со ваков пласман, по Швајцарецот Роже Федерер (36 години во 2018 година). Најмногу на првото место на АТП-листата се враќал Американецот Џон Мекинро, 14 пати од 1980 до 1985 година.
Надал првото место го презеде од Србинот Новак Ѓоковиќ (32), кој во неделата триумфира на турнирот од серијата „мастерс 1.000“ во Париз, негова петта победа на тој турнир и 34-та на оваа серија турнири, со што е на еден пехар до рекордот на Надал.
Идната недела претстои завршниот АТП-турнир во Лондон, на кој ќе се решава и тоа кој ќе ја заврши годината како број еден во светот, Надал или Ѓоковиќ. Постојат повеќе пресметки за тоа што на кој тенисер му одговара. Во моментов Надал има 640 поени повеќе од Ѓоковиќ.
Ако Надал остане прв тогаш тој ќе стане највозрасниот со таква позиција на АТП-листата на крајот од една година (сега тоа е Ѓоковиќ, лани со 31 година) и петти пат ќе биде најдобар на крајот на една година, со што ќе се израмни со Федерер, Ѓоковиќ и со Американецот Џими Конорс. Ако, пак, Ѓоковиќ го заземе првото место на листата, тој ќе се израмни со рекордерот во таа категорија, Американецот Пит Сампрас, кој шест пати бил прв на крајот на една година (од 1993 до 1998 година).


НАЈМНОГУ ГОЛЕМИ ТРОФЕИ
ТЕНИСЕР ВКУПНО ГРАНСЛЕМ МАСТЕРС АТП
Новак Ѓоковиќ 55 16 34 5
Роже Федерер 54 20 28 6
Рафаел Надал 54 19 35 0
Извор: АТП