Што сработи Трамп на половина од мандатот во Белата куќа

182

Првите две години од мандатот на Трамп како американски претседател беа полни со настани и, според многумина, доста хаотични. Критичарите постојано ја напаѓаат администрацијата на Трамп дека е хаотична и нефункционална. Подолга е листата на високи функционери што поднесоа оставка или беа отпуштени од Белата куќа

Првите две години од мандатот на Доналд Трамп како американски претседател беа полни со настани и, според многумина, доста хаотични. Трамп го почна мандатот како еден од најнепопуларните претседатели во модерната американска историја, а и понатаму ужива многу низок рејтинг. Тој ја ужива поддршката на само 37 отсто од Американците, а единствен претседател со толку низок рејтинг во поновата историја беше Роналд Реган, кој во 1983 година исто така имаше рејтинг од 37 проценти. Од друга страна, Трамп има голема поддршка од републиканските гласачи, дури 88 отсто од републиканците го поддржуваат неговото претседателство. Доколку останат ваквите високи бројки, малку е веројатно тој да се соочи со сериозен предизвик за републиканската претседателска кандидатура во 2020 година.

Истовремено, критичарите постојано ја напаѓаат администрацијата на Трамп дека е хаотична и нефункционална. Подолга е листата на високи функционери што поднесоа оставка, беа отпуштени или избркани од Белата куќа. Според истражувањата на институтот „Брукингс“, дури 65 отсто од неговите високопозиционирани советници останаа без работа во првите две години од мандатот на Трамп. Вообичаено, првиот тим на претседателот останува заедно во првата година и потоа малку се менува во втората година, но за Трамп, проветрувањето на Белата куќа редовно трае уште од неговиот прв ден на функцијата.

Недостигот од стабилност во Белата куќа може да се види кога станува збор за оцената на успехот на Трамп со неговите политики. Тој не успеа да исполни голем дел од своите ветувања. За здравството, на пример, тој не успеа да го поништи т.н. Обамакер, еден од главните домашни успеси на неговиот претходник. Трамп во повеќе наврати ги искористи претседателските извршни наредби за да оствари симболични политички цели, како што е преселувањето во Ерусалим на американската амбасада во Израел и повлекувањето на САД од Парискиот климатски договор.

Кога станува збор за имигрантската политика, малку е веројатно Трамп да го оствари главното ветување – изградба на заштитен ѕид на американско-мексиканската граница, и тоа платен од Мексико. Демократите го одбија неговото барање ѕидот да се финансира со над пет милијарди долари од домашниот буџет, што, пак, доведе до 35-дневна делумна блокада на американската влада. Трамп се надеваше дека со блокадата на Владата ќе ги принуди демократите на компромис, но на крајот беше принуден да ја одблокира без постигнат договор.

Во текот на изборната кампања тој вети дека ќе отвори дури 25 милиони работни места во текот на десет години. Но бројките покажуваат дека отворањето работни места во првите две години од мандатот на Трамп е нешто пониско, кога ќе се спореди со последните две години од мандатот на Барак Обама. Главната траекторија на американската економија под претседателот Трамп останува иста како во времето на Обама – стапката на невработеност е рекордно ниска, а платите забрзано растат во изминатите неколку месеци. Но американскиот претседател би требало да биде загрижен. Глобалниот економски пораст е забавен, а неговата одлука за почнување трговска војна со Кина доведе до одмазднички тарифи за американските производи, во вредност од неколку стотици милијарди долари.