Што сакаат европските гласачи

128

Во годината на избори за Европскиот парламент, најголемиот предизвик за ЕУ не се евроскептицизмот и антиевропеизмот, туку европесимизмот. Ова можеби звучи мелодраматично, но укажува на еден клучен парадокс. „Евробарометар“ покажува дека две третини од гласачите на ЕУ веруваат дека членството во ЕУ е позитивно за нивните земји, што е највисок процент од 1983 година. Истовремено, повеќето гласачи на ЕУ веруваат дека европскиот проект би можел да пропадне во наредните 10-20 години. Уште пошокантно за ЕУ, речиси значителен процент од гласачите сметаат дека е можна војна меѓу членките на ЕУ (овој процент во многу земји надминува 50 отсто меѓу младите гласачи).

Европесимизмот е најголемиот предизвик за ЕУ, покажува големо истражување по повод европските избори што почнаа во четвртокот, а завршуваат в недела. Две третини од гласачите сметаат дека членството во ЕУ е добро за нивните земји, но многу од нив веруваат дека Унијата може да се распадне за една до две децении, како и дека се можни војни меѓу земјите на ЕУ

Наместо да има едноставна поделба меѓу проевропејци и националисти, во моментов постои многу подлабок конфликт, кој се фокусира на начинот на кој Европејците се чувствуваат во однос на демократскиот систем. Овие избори се битка за емоциите на гласачите и за нивните идеологии и ставови кон фактите.

ДОЗА ЕВРОПЕСИМИЗАМ

За да се разберат клучните причини, Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) побара од „Југов“ да ги испита чувствата над 60.000 европски гласачи за заедниците, факторите на дејствување, иднината на европскиот проект, како и за светот околу нив. Истражувањето е спроведено на големи примероци во март и во април годинава, во 14 земји: Австрија, Чешка, Данска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Холандија, Полска, Романија, Словачка, Шпанија и Шведска. ЕЦФР исто така организира фокус-групи во Франција, Германија, Италија и во Полска, во кои се вклучени претставници од разни групи (избрани според верувањето дали функционираат националните и европските политички системи).
Проевропејците по дефиниција би требало да веруваат во консензус, разум, логика и заемно корисна соработка. Утврдените факти и споделеното знаење се централни за нивниот процес на донесување одлуки. Во нивниот свет, проучувањето на податоците има цел да покаже дека постои заедничка вистина. Но истражувањето покажува дека во денешна Европа не постои заедничка вистина. Прво, постои голема разлика меѓу реалноста на луѓето и нивните ставови за иднината на европскиот проект. Европскиот идентитет останува многу важен за гласачите на ЕУ. Анкетата покажа дека во секоја земја-членка само мал број гласачи сметаат дека овој идентитет е помалку важен од нивниот национален идентитет.

Истражувањето, исто така, открива зошто граѓаните на ЕУ го ценат членството во ЕУ, барајќи од нив да идентификуваат што би била најголема загуба ако блокот се распадне. Најчестиот одговор се однесува на придобивките од единствениот пазар, односно можноста за живеење, работење и патување во други членки на ЕУ, а, во помала мера, еврото. Втората најчеста реакција се однесува на капацитетот на ЕУ да дејствува како глобален актер во светот во кој доминираат големи сили, што ја олеснува соработката во безбедноста и одбраната. Испитаниците, исто така, ја сметаат мултилатералната соработка за справување со климатските промени како важна функција на ЕУ.

Но, нивните одговори не се фокусираат само на она што ЕУ го нуди, туку и на тоа за што се залага. Третиот најчест одговор се однесува на посветеноста на европските вредности: заштитата на демократијата и владеењето на правото.
Сепак, повеќето Европејци мислат дека ЕУ може да се распадне. Во секоја членка, освен Шпанија, повеќето испитаници сметаат дека е можно Унијата во сегашна форма да се распадне во наредните 10-20 години. Во ниту една земја на ЕУ процентот на гласачи што го делат ова мислење не е помал од 40 отсто.
ЕУ е основана по Втората светска војна како проект што треба да ги поврзе европските земји и да го оневозможи конфликтот меѓу нив. Сепак, аргументот за ЕУ ​​како мировен проект со текот на времето загуби голем дел од капацитетот да создава поддршка за членство во ЕУ. Тоа беше евидентно на референдумот во Британија во 2016 година, кога мнозинството гласачи се изјаснија за напуштање на ЕУ. Мирот во Европа стана толку нормален што повеќето луѓе едноставно повеќе не веруваат дека целта на ЕУ е да го одржува.

Но Европа се менува и на овој фронт. Шокантно, само 30 години по падот на Берлинскиот ѕид, значен процент гласачи во сите земји на ЕУ веруваат дека е можна војна меѓу членките на Унијата. Ова верување е многу поголемо меѓу приврзаниците на ултрадесничарските партии, како Јобик во Унгарија или Златна зора во Грција. Повеќето граѓани што се воздржуваат од гласање или не се одлучиле дали ќе гласаат го делат ова верување. Но, песимизмот по ова прашање е релативно висок и меѓу приврзаниците на традиционалните партии, со мали исклучоци. Уште поизненадувачки, младите гласачи многу повеќе веруваат дека постои реална можност за војна меѓу земјите-членки на ЕУ.
За оние што веруваат дека е можна војна меѓу членките на ЕУ, перцепцијата за современа Европа е перцепција на конкуренција и конфликт, а не на соработка. Тие не мислат дека утре ќе избие војна, туку едноставно веруваат во логиката на борба, конкуренција и конфликт во европското општество. Ова ја менува динамиката на дебатата за време на изборите. Луѓето што гледаат закана од војна, мислат и, најважно од сѐ, чувствуваат поинаку за себе и за своите цели и приоритети од оние што не гледаат закана од војна. Нивниот посакуван исход во секоја интеракција е целосна победа, а не соработка.

Во овој свет на чувства, фактите и знаењата се помалку важни од возбудата, мобилизацијата и посветеноста. Како што покажаа неодамнешните избори во европските земји и референдумот за брегзит, политичките повици врз основа на споделени искуства – особено оние на загуба, исклучување и отфрлање – се особено ефективни во обединувањето и мобилизирањето гласачи. Дебатата може да се замени со реторика, а фактите со страст, во средина во која брзите иницијативи и реакции имаат приоритет во текот на долготрајната евалуација на алтернативите и внимателните и претпазливи одговори.

Целта на истражувањето е да открие како се чувствуваат Европејците, а резултатите покажуваат дека многу од нив се исплашени и изложени на стрес. Сепак, постојат земји во кои доминира оптимизмот. Споредбата на чувствата на испитаниците во Германија и во Франција, најголемите и најмоќните членки на ЕУ, покажува колку емоциите на луѓето не можат да се разберат само како едноставен одговор на фактите.
Французите двојно повеќе од Германците се опишуваат себеси како исплашени и, обратно, Германците двојно повеќе од Французите се опишуваат себеси како опуштени. Од друга страна, Германците двојно повеќе од Французите се опишуваат себеси како оптимисти додека Французите многу почесто од Германците се опишуваат себеси како песимисти.

Разликите не се само национални. Во цела Европа, женските гласачи се под поголем стрес и често се помалку оптимистички настроени или релаксирани од машките гласачи. Спротивно на стереотипите, пак, младите Европејци имаат релативно помала надеж од постарите Европејци. Податоците сугерираат дека стресот опаѓа со возраста, па така 36 отсто од оние на возраст од 18 до 24 години сметаат дека се под голем стрес, додека само 17 отсто од гласачите на возраст од 55 години и постари сметаат дека ги мачат тие проблеми. Во сите 14 земји опфатени во испитувањето, испитаниците од групата на возраст од 18 до 24 години ја идентификуваат безбедноста како најголема загриженост за иднината. Во многу држави, луѓето во оваа група со поголема веројатност од просечниот гласач гледаат можност за војна меѓу земјите на ЕУ во наредните десет години.
Сепак, иако младите се под стрес, тие се исто така посреќни. Ова може да сугерира дека стресот стана нормален во животот на модерните Европејци. Всушност, 33 отсто од оние на возраст 18-24 години се опишале како среќни, а таков став имаат само 21 отсто од оние на возраст од 55 години или постари. Младите Европејци навидум не веруваат дека политичкиот систем може да ги реши проблемите што го предизвикуваат нивниот стрес. Во секоја земја на ЕУ, процентот на млади луѓе што планираат да гласаат е понизок од оној на населението во целина, а во многу случаи, тој е значително помал.

Една интересна, комплексна емоционална група се состои од гласачи што се идентификуваат како оптимисти, но велат дека се под стрес. Тие сочинуваат 18 отсто од сите Европејци (пресметани врз основа на нивното присуство во петте најголеми земји-членки на ЕУ), и дури 26 отсто од германските гласачи. Се чини дека овие гласачи ја карактеризираат емоционалната состојба на Европејците, гледајќи ја моменталната ситуација како предизвик, но останувајќи надежни за иднината. Клучното прашање, тогаш, се однесува на ставовите на Европејците за нивната емоционална состојба, што укажуваат на нивниот ангажман со политичкиот систем.

ПРИКАЗНА ЗА ДВЕ ЕВРОПИ

Во моментот има две емотивни Европи. Едната е оптимистичка Европа на мирот, а другата е песимистичка Европа на војната. Иако претставуваат две одделни реалности на граѓаните на ЕУ, тие не се географски различни. Чувството на луѓето да припаѓаат на еден дел од Европа или на друг не е резултат на предвидливи, рационални демографски или социјални индикатори, туку на тоа како тие се чувствуваат и како веруваат дека функционира светот. Постои длабока разлика меѓу чувството дека Европа е во мир или во војна.

Околу половина од гласачите на ЕУ (187 милиони луѓе) сѐ уште живеат во рамките на европскиот мировен проект. Верувајќи во моќта на фактите и соработката, овие „мировници“ гласаат за проевропски партии. Другата половина живее во Европа на војна. Ова не е војна во традиционалната смисла на судир меѓу две армии, туку во модерна смисла на конфликт, во кој линијата помеѓу војниците и цивилите е нејасна, а клучната битка е повеќе за срцата и умовите отколку за територија. За оваа половина од населението, динамиката на градење мир и помирување што ја карактеризираше ЕУ во раните години е заменета со континуиран конфликт.
Луѓето што живеат во Европа на војната се делат на две различни групи. Едните се задоволни со ситуацијата и тоа се 48 милиони „среќни воини“, кои гласаат за антиевропски партии. Но, постојат и 33 милиони „колебливи воини“, кои сѐ уште се поврзани со европскиот политички систем и гласаат за проевропски партии, верувајќи дека тие мора да ја унапредат прогресивната агенда во рамките на динамиката на континуиран конфликт.

Водечките партии треба да ги мобилизираат и „мировниците“ и „колебливите воини“ како дел од проевропското мнозинство, но со нив мора да комуницираат на различни начини. „Колебливите воини“ сметаат дека рационалниот наратив заснован на политиките за заеднички европски вредности и заедничка иднина е нерелевантен и нереален. Истовремено, кризните и емотивни пораки за справување со итните проблеми на ЕУ (од национализмот до климатските промени) што ги бараат „колебливите воини“, им изгледаат празни и минливи на „мировниците“. Затоа, ако главните партии решат да им се обратат само на „мировниците“, „колебливите воини“ може да решат дека имаат повеќе заеднички ставови со „среќните воини“.
Без разлика дали живеат во Европа на војна или на мир, граѓаните на ЕУ се соочуваат со неизвесна иднина. Едно друго истражување покажува дека две третини од гласачите веруваат дека животот на нивните деца ќе биде полош од нивниот. Таквата грижа за иднината се манифестира во неколку области.

Прво, таа има значајна економска димензија. Во секоја од испитаните земји, способноста да обезбедат удобен живот е еден од првите два фактори што испитаниците сметаат дека претставуваат осигурување добра иднина за нив и за нивните семејства. Оваа перцепција е особено јасна во Австрија, Франција, Грција, Унгарија и во Полска. Данска е единствената земја во која повеќето луѓе велат дека понекогаш им остануваат пари на крајот од месецот за да им понудат задоволство на своите семејства. Во ЕУ, само мал број од гласачите веруваат дека младите имаат повеќе економски можности од генерацијата на родителите.
Но, уште поважно за нивната несигурност е фактот што многу луѓе сметаат дека им е полошо од граѓаните на другите земји-членки на ЕУ. Ова покажува како ЕУ се доведува во опасност да стане унија на несигурност и завист. Многу европски граѓани сега се споредуваат со најбогатите и најсреќните луѓе во другите европски земји, наместо со нивните родители или соседи.
Второ, вознемиреноста за иднината има геополитичка димензија. Европејците се загрижени за нестабилната меѓународна средина, особено неизвесноста околу односите на ЕУ со САД, Кина и Русија. Малку Европејци веруваат дека нивните економски интереси во однос на Кина се добро заштитени. Прашани за иднината, многу испитаници се преокупираат со безбедноста.

Начинот на кој се чувствуваат Европејците влијае врз долгорочните прашања за кои тие се грижат. Во сите земји на ЕУ, освен во Франција, Грција, Полска и во Романија, испитаниците сметаат дека чувството на безбедност е најважниот фактор за обезбедување добра иднина за нив и за нивните семејства.
Битката за Европа се фокусира на тоа кој ја раскажува приказната за иднината на ЕУ, чија приказна ќе преовладее, каква ќе биде улогата на политичкиот систем во неа и какви ќе бидат условите за политичко дејствување. Во таа смисла, годинашните избори за Европскиот парламент се одлучувачки.
Проевропските партии добро знаат како да ги мобилизираат „мировниците“. Но на овие избори, тие мора да се поврзат со други групи избирачи, покажувајќи разбирање и почитување на чувствата на оние што се обидуваат да ги привлечат. Партиите треба да им се обратат и на „колебливите воини“ и да ја убедат оваа група дека не се премногу наивни и слаби за да се соочат со предизвиците на еден опасен свет. Партиите треба да покажат чувство на итност, солидарност и верба, и да ги претстават прогресивните пораки во емотивна рамка. Со други зборови, ако сакаат да ја туркаат логиката на мирот, тие ќе треба да покажат дека можат да ја користат и граматиката на војната.

Поврзувањето е поважно од убедувањето. Разбивањето на митовите и претставувањето на фактите нема да ги промени верувањата на луѓето. „Колебливите воини“ нема да бидат убедени за вредноста на гласањето или за поддршката на проевропските партии со нови докази или со аргументи засновани на податоци. Тука е битна емоционална резонанца, а тоа е квалитет што се цени во време на конфликт. Ако проевропските партии се обидат да ја отфрлат логиката на војување, тие ризикуваат отуѓување на гласачите што веруваат во прогресивна политика, но се разочарани од сегашните лидери и партии, кои не ја разбраа динамиката на конфликтот во ЕУ.

КОЈ ЌЕ РАСКАЖЕ НАЈДОБРО

Како инспирација за привлекување на овие гласачи, проевропејците треба да гледаат подалеку од партискиот систем. На пример, еколошкото движење „Бунт против истребувањето“ и протестното движење „Жолти елеци“ ја користат логиката на конфликт за да комуницираат со граѓаните и да понудат поинаква визија за иднината. Во фокус-групите организирани во Франција, Германија, Италија и во Полска, е регистрирана возбуда меѓу испитаниците кога им се покажани фотографии од припадниците на овие движења. Тие со почит гледаат кон нив. Спротивно на тоа, енергичноста на фокус-групите спласна кога им беа покажани фотографии од дискусии во Европскиот парламент, кои тие ги сметаа за здодевни и непродуктивни. „Бунтот против истребувањето“ користи директна акција за да привлече внимание, пред да го изложи својот манифест и да изрази подготвеност да разговара со политичарите. Така, движењето се обидува да го поврзе традиционалниот политички систем со антисистемскиот свет.

Во сегашното политичко опкружување, раскажувањето е клучно за да се убедат гласачите да се вклучат во демократскиот процес и да создадат побезбедна, поправедна и поудобна иднина. Ефикасното раскажување приказни, пак, секогаш бара емотивен ангажман. На проевропските партии сега им е потребна инклузивна, релевантна приказна за иднината, која се заснова на поемотивното разбирање на гласачите. Само ова може повторно да ги поврзе разочараните Европејци со политичкиот систем и да понуди привлечна визија за иднината. Приказната треба да ги надмине политиките и барањата да се стори тоа што е исправно. Таа мора активно да го признае чувството на стрес на гласачите, да се фокусира на нивните стравови, а потоа да го искористи нивниот еластичен оптимизам. Кампањата за европските избори можеби е прекратка за да може да се претстави целата приказна, но сега е најдобар момент да се почне да се раскажува приказната за ЕУ.


Главни кандидати за нов шеф на Европската комисија

Годинава не е сигурно дека шефот на Европската комисија ќе се избира според принципот на „шпиценкандидат“ или водечки кандидат од групацијата што ќе добие најмногу места во парламентот на ЕУ. Најголема поддршка се очекува да обезбедат Европската народна партија (ЕПП) и социјалдемократите, но овојпат нема да имаат доволно мандати за да формираат мнозинство. Тоа значи дека ќе им биде потребна поддршка од помалите групации, што ја прави неизвесна распределбата на најважните функции на институциите на ЕУ.

Мишел Барние (50 отсто): кандидат кој речиси целосно одговара на профилот за шеф на Европската комисија, освен што не доаѓа од мала членка на ЕУ. Тој има богата дипломатска кариера, а изминатите месеци најмногу се истакна како преговарач на ЕУ за брегзит. Тој е умерен демохристијанин, кој повеќе пати беше министер во француските десничарски влади и двапати беше еврокомесар
+ Умерен член на ЕПП, дипломат, прифатлив за сите, експерт за брегзит
– Не е „шпиценкандидат“, доаѓа од голема земја


Маргарет Вестагер (20 отсто): данската еврокомесарка за конкуренција е „супержена“ на европските либерали (АЛДЕ), која им се спротивстави на технолошките гиганти. Таа е оценета како најуспешна членка на комисијата на Жан Клод-Јункер, но данската влада предводена од популисти не сака да ѝ даде поддршка, па е прашање колку може да биде шефица на комисијата на ЕУ
+ Најуспешна еврокомесарка, водечка кандидатка на АЛДЕ, доаѓа од мала земја
– Нема домашна поддршка, спорна е преговарачката моќ на АЛДЕ по изборите


Манфред Вебер (15 отсто): до пред неколку месеци важеше за сигурен наследник на Јункер на функцијата претседател на Европската комисија. Но тоа се промени по проблемите на ЕПП со партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Многумина го критикуваа дека има премек став кон популистите, а неговата политичка програма не предизвика доволен јавен интерес
+ Водечки кандидат на ЕПП, која се очекува да обезбеди најмногу места
– Против се сите групи во европарламентот, но и Орбан, кој ќе стави вето во Европскиот совет кога ќе се одлучува за идниот шеф на еврокомисијата


Франс Тимерманс (15 отсто): првиот потпретседател на Европската комисија стекна многу непријатели во Источна Европа кога како заменик на Јункер ги критикуваше Полска, Унгарија и Романија за непочитување на владеењето на правото. Левичарските партии бележат пад во Европа, па се очекува европските социјалдемократи да обезбедат помалку мандати и да ја загубат преговарачката моќ за распределба на функции во ЕУ
+ „Шпиценкандидат“ на втората најголема групација во парламентот, умерен социјалдемократ, доаѓа од мала земја, потпретседател на Европската комисија
– Малку е веројатно дека ЕПП ќе се откажат од најважната функција во ЕУ. Извор: Еурактив


Источните земји се чувствуваат како членки од втор ред во ЕУ

Томаш Валашек

Петнаесет години по големото проширување на Европа, ЕУ сѐ уште изгледа како да е поделена на две половини, а не како да претставува една целина. Многу Западноевропејци и понатаму ги нарекуваат земјите од Централна и од Источна Европа што се приклучија во или по 2004 година „нови членки“, што значи дека сѐ уште не успеале да станат целосно „европски“. Ваквата ситуација ги намалува способностите на ЕУ да одговори ефикасно на предизвиците поврзани со владеењето на правото во регионот, практично оставајќи ги демократите на цедило. Популистите во регионот бележат подем, а реакцијата на Западна Европа на домашните прашања уште повеќе ги зајакнува.
Чувството дека ЕУ ги третира граѓаните на земјите што се приклучиле во и по 2004 година како граѓани од втор ред и не ги сфаќа сериозно во голема мера ја зголемува привлечноста на популистите во Централна Европа. Ова не е нешто во што веруваат само луѓето во тој регион, далеку од Брисел. Тоа е став и на европски функционери од земјите од Централна Европа.
Како стигнавме до оваа ситуација? Дел од одговорноста лежи во земјите што се зачленија по 2004 година. Многу од нивните влади останаа заглавени во начинот на одлучување, дури и откако влегоа во ЕУ. Тие станаа удобни во својата улога на патници, наместо да го преземат воланот. Нивниот недостиг од волја за дејствување неизбежно доведе до лавина реакции дома. Не помогна ниту фактот што кога владите проговореа, јазикот што го користеа беше расистички.
Но, истовремено, виновни се и „старите“, етаблирани членки на ЕУ. Во претходните рунди на проширување, дипломати од Австрија, Шпанија или од Португалија беа „надгледувани“ од постарите држави, кои ги научија на правилата кога нивните земји му се приклучија на клубот. Ова не се случи во 2004 година или потоа. Некои нови членови брзо се навикнаа на тешката задача да учествуваат во создавањето на правилата и политиките на ЕУ, додека на други тоа им одеше многу потешко. Имајќи го предвид обемот на правила што требаше да го научат и спроведат, не изненадува фактот што некои им се предадоа на чувствата на инфериорност и, на крајот, на бунт.
Гледано наназад, лесно е да се види дека и двете страни потцениле колку различен беше процесот на проширување во 2004 година од претходните рунди. Во минатото, проширувањето главно значеше да се приклучат земјите од истиот западен политички блок – луѓето патуваа од едни земји во други и ги знаеја традициите и историјата на другите, на начин што едноставно не важи за државите од поранешниот советски блок.
Добрата вест е дека сѐ уште има време да се поправат штетите. Тоа може да се постигне со „збратимување“. Централноевропските влади може да се здружат со други земји во политиките на ЕУ, каде што нивните интереси се преклопуваат. Ова ќе им даде на поновите земји-членки дополнително чувство на контрола над нивните судбини во ЕУ, со што ќе се намали искушението да се бунат и ќе имаат дополнителна корист за подобрување на нивниот углед. Во моментот, постарите членки на ЕУ премногу лесно тврдат дека централноевропските земји сакаат да ги блокираат идеите за политики наместо да предлагаат свои. Справувањето со меѓусебното непознавање, кое сѐ уште ги блокира односите меѓу Истокот и Западот ќе биде генерациски проект. Но, мерките може за само неколку години да почнат да ги менуваат работите. Конечно, само со јакнење на врските меѓу Истокот и Западот, ЕУ може да се надева дека ќе ги преживее многуте сили што се обидуваат таа да се распадне.

Авторот е директор на „Карнеги Европа“