Што преовлада за смената на хаџи Сулејман ефенди Реџепи?

1220
Фото: Игор Бансколиев

По сѐ изгледа дека постои длабока причина со долга историја поврзана за смената на поглаварот на втората по големина верска заедница во земјава, реисот Реџепи. Очигледно, последните случувања беа само „капка што ја прелеа чашата“ на ИВЗ бидејќи таа веќе беше преполна со апсолутистичко раководење, непридржување кон нормите на ИВЗ, непотизам, внатрешни судири, скандалозни изјави, обвинувања за финансиски злоупотреби, па дури и индикатори за ширење верска и национална омраза. ИВЗ останува без својот досегашен поглавар, но секако со можност сите претходно наведени атрибути да бидат расветлени и расчистени

Причини и поводи за смена на поглаварот на ИВЗ имаше многу, и шеријатски и по сила на законите на позитивното право

Суштински внатрешен пресврт во Исламската верска заедница (ИВЗ) или исценирана промена на раководната функција е заднината на разрешувањето на дозавчерашниот поглавар Сулејман Реџепи? Ова е прашањето на кое муслиманите во Македонија се во исчекување да добијат вистински одговор, по ненадејната одлука на мнозинството муфтии да го разрешат поглаварот, 14 години по неговиот избор за прв човек на втората по големина верска заедница во земјава. Тоа што оваа енигма ја направи дополнително загадочна и во голем дел таинствена и неочекувана ја зајакнува фактот што двете страни молчат за причините. Изостанува и официјалната реакција на самиот Реџепи, кој во минатото кога имало вакви слични ситуации веднаш енергично и остро реагирал.

Познавачите на состојбите велат дека овие случувања можат да се толкуваат во насока на тоа дека во ИВЗ првпат состојбите се одвиваат како по сценарио во кое на крајот сите ќе бидат задоволни. Неофицијално, вчера некои од муфтиите на ИВЗ коментираа дека првпат одлуката за промена на првиот човек доаѓа однатре, односно од членовите на Ријасетот на верската заедница, иако досега имало обиди за узурпирање на седиштето на ИВЗ, како и за нелегално разрешување на поглаварот.
Инаку, претходно Реџепи го смени Уставот на ИВЗ, за да нема ограничен мандат за раководење со оваа верска заедница, но во членот 58 од Уставот, јасно е посочено дека муфтиите и сите членови на Ријасетот имаат право да го разрешат поглаварот ако не ги исполнува условите или ги прекршил правилата за работа за заедницата.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски смета дека зад одлуката за разрешување на реисот стојат многубројни причини што се таложени со години, како апсолутистичко раководење, непридржување кон нормите на ИВЗ, непотизам, внатрешни судири, скандалозни изјави, обвинувањата за финансиски злоупотреби.

– Но сега како последен повод е свадбата со 50 години помлада сопруга, а што, иако е приватна работа, мошне лошо одекна меѓу исламските верници во земјава. Во ситуација кога тој немаше намера доброволно да се повлече, внатрешните, но и надворешните, политички структури, структурите во ИВЗ и околу неа донеле одлука за разрешување за која гласале сите негови, досега, најблиски соработници – посочува Ѓорѓевски.
Според него, разрешувањето на Реџепи ќе го отвори патот кон нормализација на односите и во работата на ИВЗ. Тоа, вели Ѓорѓевски, ѝ е мошне потребно на оваа значајна институција.

– Не очекувам дека ќе има големи кадровски промени. Решавачка улога ќе ја имаат досегашните муфтии, но сигурен сум дека тие ќе извлечат поука од досегашните грешки на реисот и нема да дозволат да се повторуваат. Да не заборавиме, муфтиите досега не му се спротивставуваа на реисот, но ниту еден од нив немаше скандалозни потези, изјави или слично. Муфтиите ќе бидат мудри да изберат личност што ќе знае да ја стабилизира заедницата и да изврши помирувањето со отцепените струи, кои, сепак, не може да очекуваат комплетна кадровска промена во ИВЗ – посочува аналитичарот.

Инаку, ИВЗ веќе со години ја тресеа внатрешни судири и обиди за резрешување на поглаварот Реџепи. Тој дојде на оваа функција во септември 2006 година по неколкугодишна борба за превласт во ИВЗ со тогашните радикални структури и најавуваше зачувување на традиционалниот ислам.
До изборот на нов поглавар, оваа функција ќе ја извршува Хабит Шаќир ефенди Фетаи, муфтијата на Гостивар.


Вербалните „излети“ на реисот што останаа забележани во јавноста,
а непроцесирани од државата и од Ријасетот

Доскорешниот поглавар на ИВЗ беше познат во јавноста по скандалозните изјави, меѓу кои и онаа минатата година кога при отворање на новоизградена џамија во околината на Скопје го нарече македонскиот народ диво племе, со кое е невозможно да се гради соживот. Тогаш се правдаше дека изјавата е погрешно протолкувана од медиумите и дека не се однесувала на македонскиот народ, туку на луѓето што во минатото ја срушиле истата џамија.

Поглаварот Реџепи досега неколкупати беше обвинуван од своите противници дека проневерувал пари на ИВЗ. Минатата година беше обвинет за 700 илјади евра, пари што ги присвоил, кои биле уплатени за аџилак, а сега пред една недела за еден милион евра, пари што ги подигнал од банка во готово за еден ден. Тој ги демантира таквите обвинувања, најавувајќи тужби за клевета.

[email protected]