Што предвидува планот Б?

320

Претседателските избори треба да бидат распишани во почетокот на февруари. Но поучени од неуспехот при постигнување на цензусот при последното референдумско изјаснување во политичките кругови, веќе се анализираат и сценарија дали би се постигнале цензус и одзив доколку опозицијата од кои било причини ги бојкотира претседателските изборите.

Во таков случај, според владини извори, се отвора можноста за спроведување уставни измени со намера идниот претседател на државата, наместо на непосредни избори, да се избира во Собранието од страна на пратениците (во игра е и опцијата за консензуален претседател) и додека трае таа постапка на уставни измени функцијата претседател на државата би ја извршувал спикерот на парламентот Талат Џафери.

Во контекст на овие актуелни случувања, претседателот на Собранието неделава најави дека на втори или на трети февруари в година ќе ги распише претседателските избори што ќе се одржат најверојатно кон крајот на март, или почетокот на април.
Џафери на брифинг за новинарите истакна дека идејата за избор на претседателот на државата во парламентот, наместо на директни избори, е опција и можност за која се размислува во политичките партии.

– Но, тоа подразбира нова постапка за уставни измени, значи мора да се менува Уставот за да се реализира таквата идеја. Во секој случај сега засега останува решението какво што е сега, претседателот да се избира на директни избори – рече Џафери.

Од друга страна, пак, од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, неодамна во изјава за „Нова Македонија“ истакнаа дека не размислуваат за никаков бојкот на претседателските избори, иако по медиумите се пласира таква идеја.
Оттаму велат дека тие нема да ги коментираат разните шпекулации и пласирани ставови, кои, според нив, единствено имаат цел да извршат напади врз партијата и додадоа дека се подготвени и за претседателски, но и за предвремени парламентарни избори.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетија дека е најавен оглас за пријавување кандидати за претседателските избори, по што ќе следува конвенција на партијата за избор на најдобриот кандидат.

Според законот, за претседател на државата во првиот круг е избран кандидатот што добил мнозинство гласови од вкупниот број запишани во избирачки список, 1.806.336 гласачи. Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати, кои во првиот круг добиле најмногу гласови. За претседател е избран кандидатот што добил мнозинство гласови од избирачите што гласале, доколку гласале повеќе од 40 отсто од избирачите запишани во избирачкиот список.