Кирил Барбареев:Сама по себе оценката не кажува баш ништо

Треба да се реформира начинот на вреднување на резултатите на учениците, односно да не постои оценување во основното образование, бидејќи училиштата треба да имаат цел, пред сѐ, постојано да ги мотивираат децата да ги всадат во себе вредностите на животот и да помогнат во формирањето на ставовите кај децата, смета универзитетскиот професор Кирил Барбареев

Откако се укина екстерното тестирање, годинава имаше цели паралелки во основно образование во кои сите ученици беа одлични. Наставниците лесно подаруваа петки затоа што повеќе не сносат одговорност за необјективно оценување. При уписите, во некои гимназии имаше случаи кога ученици со по една четворка беа одбиени бидејќи сите други ученици биле оценети со петки по сите предмети во основно образование. По ваквата практика, се наметнува дилемата, дали треба петките да престанат да бидат главен критериум за некого да се отвори врата и да му се даде шанса да покаже колку умее и дали треба општиот успех да продолжи да биде главен критериум при упис во училиште.
Кај нас, учениците во овие 27 години ги учат дека оценката е најважна, а не процесот на решавање проблем и критичкото мислење, и оттука почнува сè, смета универзитетскиот професор Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.

– Основниот проблем е што Министерството за образование и наука со сите негови политики во изминатите 27 години, за жал, нема визија за системот на образование. Политиката нема јасни и транспарентни намери, а струката нема јасни ставови. Две прашања се отворени, што се мери и кој, зошто и како ги користи информациите. Луѓето се склони да веруваат оти оценката е квантитативна мерка на способностите на испитаникот. Сама по себе оценката не кажува баш ништо за испитаникот. Ако испитаникот и неговата оценка ги ставиме во некој контекст (училиште, професор, факултет), тогаш за него добиваме некаква претстава. Всушност, ја менуваме сликата за себе бидејќи себеси се ставаме во контекстот од кој го набљудуваме испитаникот преку призмата на неговата оценка. Сѐ додека оценките се единствениот критериум за креирање на кариерата и иднината на младите, образовниот систем ќе биде под притисок – смета Барбареев.

Според него, во некои истражувања на ученици што повторувале се забележува дека тие долгорочно понатаму постигнуваат лоши резултати во образованието.
– Треба да го реформираме начинот на вреднување на резултатите на учениците. Во основното образование треба да биде нагласена воспитната компонента. Да нема оценување на учениците во основно образование. Училиштата во основното образование треба да ја имаат целта да бидат суштински фактор што постојано ќе ги мотивира децата да ги всадат во себе вредностите на животот, во формирањето на ставовите кај децата, зошто всушност ни е потребно училиштето, семејството, државата. Оценувањето на училиштето, наставникот и на ученикот не е во согласност со современите текови и другите образовни системи. Клучниот проблем е што системот не прави разлика од добар и совесен наставник и оној што формално работи и оценува. Затоа, потребен е концепт во кој професионалниот развој на наставникот ќе се мери по излезните резултати, а не од оцените или бројот на поени – додава тој.
Потребен е концепт, смета Барбареев, кој ќе биде комбинација од интерно и екстерно испитување.
– Тоа подразбира посветување еднакво внимание и на интерните проверки и на следење на постигањата на учениците во текот на училишната година, но и национално спроведување на тестирање. Овие проверки треба да постојат, но исто така тоа треба да биде дел и од меѓународни проекти, како што се Тимс, Пирлс и Писа – објаснува професорот.

Хрватските власти пред две години направија општиот успех на ученикот да биде составен од повеќе компетенции. Одговорноста, самостојноста, самоиницијативноста, комуникацијата и соработката се елементи што се следат кај ученикот по секој предмет и токму тие играат улога при уписот во средно. „Општиот успех е мера од некаков хипотетички просек на ученикот, во кој се содржат оценките по Математика, Историја, а тоа не говори апсолутно ништо за ученикот. Со тоа, заради општиот успех родителите создаваат силен притисок врз наставниците, затоа што ученикот на крајот на учебната година треба да има повисоки оценки. Сега на ученикот ништо нема да му недостига бидејќи нема да постои општ успех, туку заклучени оценки по поединечни предмети“, беше ставот на тамошните членови на реформското тело за образование.