Шпанија и Аргентина златни за САД и за Југославија

151
Кошаркарите на Југославија

Годинава во Кина (31 август – 15 септември) ќе се одржи 18-то Светско првенство (СП) во кошарка. Во пресрет на овој голем спортски настан, во неколку продолженија накратко ќе се потсетиме на историјатот на мундо-баскетот

СП во 1986 година се одиграло во Шпанија и првпат со 24 репрезентации поделени во шест групи, а првите три од секоја оделе во полуфиналето. Така било сѐ до годинава, каде што ќе учествуваат 32 репрезентации. Во групата А Бразил бил прв, Шпанија втора, а Грција трета. Во групата Б, СССР со скор 5-0 и позитива од 196 коша бил прв, а се пласирале уште Израел и Куба. Во групата Ц, САД биле први, Италија втора, а Кина трета. Во групата Д, Југославија ги победила Нов Зеланд (118-81), Малезија (131-61), Холандија со 95-74 (Дражен Петровиќ постигнал 47 коша, што било најголем број поени на еден меч), потоа Аргентина (87-68) и Канада (83-80). Покрај неа, понатаму заминале Канада и Аргентина.

Во втората фаза имало две групи со по шест екипи. Во првата биле, СССР, Бразил, Шпанија, Израел, Куба и Грција, а во полуфиналето се пласирале СССР како прв и Бразил. Во втората биле САД, Југославија, Италија, Канада, Аргентина и Кина. Југославија била подобра од Кина (106-82), Италија (102-76), а Дражен Далипагиќ дал 32 коша, додека во мечот за првото место во групата, САД ја победиле Југославија (69-60). Во дуелот за трето место, СССР по продолжението ја совладал Југославија со 91-90, а трагичар бил центарот Владе Дивац. Во второто полуфинале САД бил убедлив против Бразил (96-80). Бронзата ѝ припаднала на Југославија откако убедливо го победила Бразил (117-91). Во финалето САД славеле над СССР (87-85) и ова за нив било втора шампионска титула.

МВП на шампионатот бил прославениот југословенски бек Дражен Петровиќ, а покрај него, во најдобрата петорка се нашле и Бразилецот Оскар Шмит, Американецот Дејвид Робинсон и Советите, Арвидас Сабонис и Валери Тихоненко. Прв стрелец бил Гркот Никос Галис, со 33,7 коша во просек по меч.

Единаесеттиот мундо-баскет по ред се одржал во Аргентина во 1990 година, со 16 селекции поделени во четири групи. Тоа наедно било и последното СП на кое настапила поранешна СФР Југославија (Дражен Петровиќ, Тони Кукоч, Владе Дивац, Велимир Перасовиќ, Зоран Чутура, Жарко Паспаљ, Јуре Здовц, Аријан Комазец, Жељко Обрадовиќ, Радисав Ќурчиќ, Зоран Савиќ и Зоран Јовановиќ), а ја предводел искусниот селектор Душан Ивковиќ. Југословените во групата А ги совладале Венецуела (92-84) и Ангола (92-79), а загубиле од Порторико (75-82). Од групата Б, се пласирале Бразил и Австралија, од Ц, САД и Грција, а од Д, СССР и Аргентина. Во вториот круг биле формирани две нови групи со по четири селекции.

Во првата група, Порторико ги победил САД (81-79) и бил прв во групата. Во втората група Југославија ги декласирала Бразил (105-86), СССР (100-77) и Грција (77-67). Во полуфиналето Порторико загубил од СССР (81-99), а Југославија ги победила САД, со 99-91 (Петровиќ впишал 31 поен). Во мечот за бронзата, по продолжението, САД го победиле Порторико (107-105), а во финалето во Буенос Аирес, Југославија убедливо славела против СССР (92-75), што претставувало вкупно трета светска круна. Во најдобриот тим на СП влегле Југословените Кукоч (МВП) и Дивац, Бразилецот Шмит (прв стрелец со 34,6 поени во просек по меч), Порториканецот Фико Лопез и Американецот Кени Андерсон.


Финална табела 1986
1. САД 9-1
2. СССР 9-1
3. Југославија 8-2
4. Бразил 6-4
5. Шпанија 8-2
6. Италија 7-3
7. Израел 5-5
8. Канада 5-5
9. Кина 4-6
10. Грција 4-6
11. Куба 4-6
12. Аргентина 5-5
13. Франција 3-2
14. Холандија 2-3
15. Порторико 2-3
16. З. Германија 2-3
————————————————-
24. Малезија 0-5

Финална табела 1990
1. Југославија 7-1
2. СССР 6-2
3. САД 6-2
4. Порторико 6-2
5. Бразил 4-4
6. Грција 4-4
7. Австралија 4-4
8. Аргентина 2-6
9. Италија 7-1
10. Шпанија 5-3
11. Венецуела 4-4
12. Канада 3-5
13. Ангола 3-5
14. Кина 2-6
15. Ј. Кореја 1-7
13. Египет 0-8