Шолја какао е здрава напивка, богата со витамини и со минерали

3193

Кафето е ритуал од кој тешко се откажуваме. Но откако ќе ги прочитате позитивните ефекти на какаото, кое се смета за моќен антиоксидант на 21 век, ќе посакате барем една шолја кафе да замените со овој суперпијалак. Дали знаевте дека какаото содржи повеќе од 300 хемиски соединенија што позитивно влијаат на нашето здравје? Шолја жешко какао пред спиење ќе го намали нивото на стрес и ќе ги зачува функциите на мозокот.

Моќен антиоксидант

Низа истражувања веќе го имаат докажано антиоксидантниот ефект на какаото. Со неговата моќ овозможува организмот да ги апсорбира и уништи слободните радикали (кои доаѓаат од загадувањето и токсините во нашето опкружување). Ваквите слободни радикали предизвикуваат оштетување на клетките и ткивата, при што доаѓа до развој на болести, меѓу кои и малигните болести.

Богат извор на железо

Какаото се смета за најдобар растителен извор на железо. Нутриционистите честопати го споредуваат какаото со говедско и јагнешко месо во однос на составот на железо. За да се искористи максимално железото, се препорачува какаото да се комбинира со храна богата со витамин Ц.

Содржи магнезиум за здраво срце и мозок

Покрај железото, какаото се смета за богат извор и на магнезиум. Магнезиумот е еден од најважните минерали одговорни за здрав развој на срцето. Помага во трансформирањето на гликозата во енергија неопходна за правилна функција на мозокот, овозможува подобра концентрација и фокус.

Повеќе калциум од кравјото млеко

Верувале или не, какаото содржи повеќе калциум и од кравјото млеко. Истражувањата покажале дека суровото какао содржи железо дури повеќе од спанаќот. Какаото е идеален пијалак за лекување на слабокрвноста, а исто така помага и при намалување на крвниот притисок.

Го подобрува расположението

Какаото ги содржи четирите најефикасни состојки што докажано дејствуваат на расположението: серотонин, допамин, анандамид и фенилетиламин. Овие невротрансмитери се поврзани со чувството на среќа, благосостојба, а се смета дека дејствуваат позитивно и на депресијата.

Какао за подобро здравје на срцето

Почестете го своето срце со овој ароматичен прав. Кога станува збор за здравјето на вашето срце, придобивките што се должат на флавоноидите во какаото се многубројни. Kакаото помага за намалување на крвниот притисок, придонесува за намалување на лошиот (ЛДЛ) холестерол, како и за намалување на целокупниот ризик од срцеви заболувања. Доколку правите какао, имајте на ум дека подобро е доколку, наместо со шеќер, го засладите со мед, а барем едно лажиче какао дневно помага за да може организмот да ја извлече користа од него.

Ја намалува желбата за слатко

Прескокнете ги разните колачи и уживајте во мирисот на какао. Тоа има богата арома, така што само неговиот мирис ја намалува за околу 50 отсто желбата за благо. Всушност, неговиот мирис ги активира истите невротрансмитери во мозокот што се стимулираат кога јадеме чоколадо. А, доколку и мирисот на какао не ви помогне да се ослободите од желбата за благо, барем ќе придонесе да изедете помало количество.

Шолјата топло какао нека ви стане дневна навика. Вашиот организам ќе ви биде благодарен. Какаото е познато како билка што го чува организмот од слободни радикали, ги намалува стресот и депресијата, штити од срцеви болести и крвни садови, како и од многу видови рак. Одличен извор е на железо, а покрај тоа го регулира нивото на шеќер и холестерол во телото.