Шлаканица за Веспрем, титула за Сегед

817

По раната елиминација во Лигата на шампионите (ЛШ), најтрофејниот унгарски клуб Веспрем доживеа уште еден шок за крајот на сезоната. Ракометарите на Сегед направија фантастично изненадување и среде Веспрем станаа нови унгарски шампиони, на тој начин прекинувајќи ја 10-годишната доминација на вечниот ривал.
Тимот на тренерот Хуан Карлос Пастор имаше предност од првиот плејоф-дуел од четири гола и со пораз од 26-29 во реваншот стигна до својата трета шампионска титула во унгарското првенство.

Од изминатите неколку сезони ова е прв шок-пресврт на шампионскиот трон по континуирана доминација на еден клуб. Од тимовите, учесници во Лигата на шампионите, најдолга првенствена доминација има хрватскиот претставник Загреб, кој цели 26 сезони (од 1992 наваму) е супериорен во домашното првенство. Втор на листата непобедени прваци е рускиот првак Чеховски медведи, кој има 16-сезонска шампионска серија. Следен е турскиот првак Бешикташ, кој една деценија е на врвот во тамошниот ракомет, а осумгодишна низа бележи Барселона. Вардар и Киелце имаат шестсезонски низи, со тоа што Киелце има можност да стигне до бројката седум по завршувањето на шампионатoт. 


Пасквал почна да мисли на Македонија

Ракометниот тренер на Барселона и селектор на Романија, Хавиер Пасквал, го соопшти списокот на играчите на кои ќе смета во јунските бараж-дуели со Македонија, а за пласман на Светското првенство (СП) во Германија и Данска.
Во составот на Пасквал го нема најдобриот романски ракометар Александре Шимику, кој поради повреда подолго време ќе отсуствува од теренот, а како негова замена Пасквал го избра централниот бек на Темишвар, Кристијан Фенич, кој исто така се соочува со ситна повреда. Изненадување во составот на Шпанецот е новата двојка крилни играчи. Изоставени се Негру и Онеџекве, а нивното место го зазедоа Ксог Венсел од Констанца и Алин Росу од Стеауа. Македонскиот селектор Раул Гонзалес сѐ уште не го дефинирал репрезентативниот состав за двомечот со Романија.


Романија – состав

ГОЛМАНИ: Ионут Ианцу (Татабања), Тудор Станеску (Стеауа) Михаел Попеску (Сент. Рафаел). ЛЕВИ КРИЛА: Ксог Венсел (Констанца), Алин Росу(Стеауа). ЛЕВИ БЕКОВИ: Георге Цинтес (Турда), Виорел Фотаче (Дунареа), Роберт Милитару (Букурешт), Дан Ракотеа (Висла), Ионут Рамба (Букурешт), Габриел Бурлаку (Суцеава). ЦЕНТРАЛНИ БЕКОВИ: Октавијан Бизау (Стеауа), Александру Чепреги (Кретеј), Кристијан Фенич (Темишвар), Рамон Сомлеа (Букурешт). ДЕСНИ БЕКОВИ: Демис Григорас (Татабања), Хавиер Хумет (Букурешт). Десни крила: Валентин Гионеа (Висла), Мариус Садовац (Трембле), Роланд Тхалмаиер (Турда). ПИКЕРИ: Адриан Ротару (Букурешт), Мариус Мокану (Динамо), Драгос Соаре (Констанца).