Шеста првенствена титула за вардарки

758

За црвено-црните ова е втор шампионски пехар сезонава, по освојувањето на победничкиот пехар во женската Регионална лига (РЛ)

Со победата над Металург, 49-24, во последното 28 коло од домашното првенство, ракометарките на Вардар ја одбранија титулата државен првак и шести пат во низа станаа шампионки на Македонија.
За вардарки ова е втор шампионски пехар сезонава, по освојувањето на победничкиот пехар во женската Регионална лига (РЛ).
По поразот во финалето на завршниот турнир во Лигата на шампионките (ЛШ), на вардарки им остана за одигрување уште завршницата во Купот на Македонија, кој викендов ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Црвено-црните ќе играат за петти трофеј во низа, односно за вкупно шести во домашниот куп.
Епитетот најтрофеен македонски женски клуб го носи Кометал Ѓорче Петров со 17 првенствени и 16 куп-титули на Македонија, втор е Вардар со шест шампионски и пет куп-титули, а трет е Металург со три шампионски и четири куп-трофеи.


Почнува 26-та домашна куп-завршница

Спортската сала „Младост“ во Битола денеска и утре ќе биде центарот на 26-та ракометна завршница од Купот на Македонија за мажи. Во денешниот прв полуфинален дуел (16.30 ч.) ќе се сретнат Вардар и Пелистер, а во вториот (19.15 ч.) силите ќе ги одмерат Еурофарм и Металург. Победниците од полуфиналните мечеви ќе играат во утрешното финале (16.30 ч.).
Улогата на бранител на титулата ја има македонскиот и актуелен европски првак Вардар, кој ќе атакува на 13-от куп-трофеј, односно петти во низа. Пелистер и Металург пет пати триумфирале во домашниот куп.
Двата полуфинални меча, како и финалето, ќе бидат пренесувани на телевизијата Телма. Та.Д.