Швеѓаните масовно вградуваат микрочипови под кожата за да ги заменат личните карти

4594
Микрочип имплантот што е прикажан на сликата го нарекуваат „боди-хакер“

Чипот не мора да е вграден во раката, може да биде во прстен или во часовник.
Има големина на зрно ориз, а веќе го вградиле околу 3.000 лица во Шведска

Околу 3.000 луѓе во Шведска изминативе три години имаат вградено микрочип под кожата. Овие Швеѓани, поради вградените микрочипови во нивните тела, не треба да носат идентификациски или лични картички, па дури и билети за воз, објави агенцијата Франс прес. Големината на микрочипот изнесува колку мало зрно ориз. Оваа технологија за прв пат беше претставена во Шведска во 2015 година, така што имплантите сѐ повеќе се користат во секојдневниот живот.
Микрочипот на Улрика Целсинг, кој се наоѓа во нејзината рака, ја замени нејзината фитнес-картичка и електронската картичка од работната канцеларија. Дваесет и осумгодишната Улрика за да влезе на работното место едноставно треба да помине со раката во близина на малата кутија преку која се вчитуваат електронските карти од фирмата, соопштува агенцијата Франс прес.

Предминатата година, СЈ-железници, што е во државна сопственост, почна да ги скенира рацете на патниците со биометриски чипови за да наплати за своите возни билети. Една опција за користење на чипот е пред да тргне возот, патниците со својот паметен телефон да го скенираат пределот на раката каде што се наоѓа имплантот. На својот уред добиваат уникатен код кој подоцна го вчитува кондукторот и им издава потврда за автобуски билет.

– Ова е нова технологија, користењето на овој пристап моментално не прави голема разлика. Но мора да ја пробаме технологијата и да научиме нешто повеќе од оваа нова област за да знаеме како да ја искористиме. Оваа иницијатива ја гледаме како проба на новата технологија. Интересна е затоа што на некој начин ѕиркаме во иднината. Може да си платиме стандардно билет или да платиме билет преку чипот во раката. Но чипот не мора да е во раката, може да биде вграден во прстен или во часовник. Ако сте човек кој ги заборава своите клучеви, тогаш оваа опција е подобра за вас. Имплантот ги заменува овие работи и го олеснува животот. Моментално проблемот е што неговата употреба е ограничена – вели офицер за печат од СЈ-железници, Стивен Реј.

Не постои технолошка причина зошто чиповите да не можат да се користат за купување работи исто како и бесконтактната кредитна картичка, но се чини дека во минатите години никој не почнал со тестирање на оваа можност. Постапката за вметнување на имплантот е слична на онаа при која се става пирсинг. Вклучува шприц кој го инјектира чипот во раката на човекот. Лицата кои поседуваат чипови во себе велат дека инјектирањето се чувствува како мал убод од игла и дека чинот не е толку болен.

Процесот на модификација на телата со технологија е попознат како биохакирање. Биохакирањето е во пораст, бидејќи сѐ повеќе и повеќе луѓе почнуваат да користат технолошки алатки како што се часовници „Епл“ и „Фититс“. Пред околу четири години, шведската група за биохемија „Бионифинкен“ започна со организирање на „имплантирачки забави“, каде што луѓето беа масовно имплантирани со чипови. Ваквите забави групата ги организираше низ разни земји како САД, Велика Британија, Франција, Германија и Мексико.

Околу 50 вработени во компанијата за вендинг-машини во Висконсин, „Три сквер маркет“, доброволно се согласија да им вметнат микрочипови во нивните раце, кои потоа можеа да ги користат за да купат закуски, да се логираат на компјутери или да користат печатач.

Многу од експертите веруваат дека оваа технологија од микрочипови не е доволно напредна за да биде хакирана. Микробиолозите велат дека податоците собрани и споделени од имплантите се премногу ограничени за корисниците да се плашат од хакирање или од неовластен надзор.

– Човечкото тело е следната голема платформа. Интернет на нештата или разните уреди кои се поврзани меѓу себе е одамна познат концепт. „Поврзаното тело“ е нов феномен, а овој имплант е само дел од него. Ние ја надградуваме технологија во голем обем. Паметна облека, паметни часовници и прстени. Но сите овие работи кои се носат денес ќе се имплантираат во следните од 5 до 10 години. Кој сака да носи несмасен паметен телефон или паметен часовник кога можете да имате чип некаде во себе и кој нема да го заборавите. Мислам дека тоа е насоката во која се движат светот и технологијата – вели основачот на „Бионифинкен“, Ханес Сјоблад за „Тек инсајдер“.

[email protected]