Фото: Дарко Андоновски

Најоптимистичкото сценарио го носи насловот „Зелен бран“ и предвидува дека Белград и Приштина во 2019 година би постигнале спогодба за нормализација на односите

Постојат четири можни сценарија за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, објави минатата недела „Дојче веле“ повикувајќи се на заклучоците во анализата што ја изработила група од дваесет претставници на цивилното општество, дипломати и експерти од Србија, Косово и од Германија, а кои дебатираа под „покровителство“ на фондацијата „Фридрих Еберт“. – Најдоброто сценарио би било она што го решава спорот околу статусот на Косово – вели Шпетим Гаши од Советот за инклузивно управување, кој е еден од авторите на сценаријата. Ова најоптимистичко сценарио го носи насловот „Зелен бран“ и предвидува дека Белград и Приштина во 2019 година би постигнале спогодба за нормализација на односите. Србија до 2025 година би станала членка на ЕУ, а Косово конечно би добило визна либерализација, би станало членка на сите релевантни меѓународни организации и би имало отворен пат кон ЕУ, секако и со поддршка на Србија.

Од друга страна, се наведува дека косовската влада би создала социјални и економски услови за интеграција на српската заедница во општеството, а косовските Срби ќе бидат вклучени во Бриселскиот дијалог, наместо да бидат само објект на преговори, како што е случајот сега. Нормализација на односите би го забрзала процесот на помирување и би отворила процес за утврдување на судбината на исчезнатите лица, а на двете страни би довела до економски напредок, пренесува „Политика“. – За да се постигне тоа, Белград и Приштина мораат да донесат неколку клучни одлуки: Белград да се откаже од барањето за територијалност на Косово, а Косово да воспостави заедница на општини со мнозинство српско население, кои би имале и извршни овластувања – вели Шпети Гаши за „Дојче веле“.

Според него, поверојатно е да има комбинација од елементите на второто и на третото сценарио. Овие две сценарија не се толку оптимистички, затоа што спогодбата меѓу двете страни би била постигната подоцна, но и нема да се примени докрај како што е предвидено. Ова подразбира признавање на приштинска управа на територијата на Косово, но не и целосно дипломатско признавање на Косово како независна држава. За возврат, Косово би воспоставило заедница на српски општини, која би имала автономија во областа на образованието, културата, јазикот, локалната самоуправа и здравствената заштита. Во исто време, Србија би продолжила да лобира против членство на Косово во меѓународните организации, иако се обврзала дека нема да го прави тоа. Во сценаријата како еден од ризиците се наведува можноста за блокирање на членството во ОН или во ЕУ, а во тој случај Косово би се свртело кон обединување со Албанија.

Така, северот на Косово ќе се припои со Србија, а таков развој на настаните би можел да предизвика сериска реакција и да ги активира барањето на Република Српска и на албанското малцинство во Македонија за прекројување на границите на Балканот. Евентуалната поделба или размена на територии би имала последици и за Босна и Херцеговина и за Македонија, што би довело до нови карти на Балканот и принудна преселба на населението. Најнеповолното сценарио, според оваа анализа, би било ЕУ да се претвори во лабав трговски сојуз и да се замрзне процесот на проширување. Со тоа би се изгубиле главните мерки за притисок при посредувањето меѓу Белград и Приштина. Со ова би била доволна мала искра за да се почне нова војна на овие простори, се заклучува на крајот од анализата.