Четири лица убиени во болница во Чикаго

47

Американската полиција соопшти дека четири лица се убиени при оружен инцидент во болница во Чикаго, кој, според досегашната истрага, не претставува терористички напад. Според очевидци, инцидентот почнал кога вооружен маж пукал кон жена на паркинг пред болницата. Тие се движеле заедно на паркингот, кога мажот се свртел кон жената и неколкупати ја застрелал во градите. Откако таа паднала, тој застанал над неа и продолжил да пука.

Полицијата соопшти дека убиената жена работела како лекарка во болницата „Мерси“ и му била свршеница на напаѓачот. Медиумите тврдат дека убиството следувало по расправија меѓу нив, при која убиецот барал од жртвата да му го врати свршеничкиот прстен. Потоа вооружениот маж влегол во болницата и почнал да пука по случаен избор. Притоа, биле ранети четири лица, меѓу кои и полицаец и една стажантка, кои подоцна им подлегнале на повредите.

Последната жртва е напаѓачот, кој на крајот бил пронајден мртов по кратка престрелка со полицијата. Полициски извори соопштија дека засега не може да се потврди дали напаѓачот бил ликвидиран од страна на полицајците или извршил самоубиство.
Во Чикаго минатата година беа регистрирани 675 убиства.