Чест и голема обврска е да се предводат светски шампионки

170

РАЗГОВОР СО ВЛАТКО АНДОНОВСКИ, СЕЛЕКТОР НА САД

Очекувањата се големи, тоа никој не требаше да ми го нагласи, а тоа е да се игра на високо ниво, одбрана на титулата на СП 2023, пласман и медал од ЛОИ 2020, ни изјави Македонецот Влатко Андоновски, новиот селектор на светските првенки, женската фудбалска репрезентација на САД

Огромна чест, задоволство, признание, но и голема обврска е да се биде селектор на женската репрезентација на САД, актуелниот светски фудбалски првак. Во една пригода изјавив дека не ни помислував дека ќе бидам селектор на репрезентација од калибарот на американската, но ете и тоа се случи, сега треба таа доверба да се оправда, ни изјави Македонецот Влатко Андоновски кој во следните четири години ќе ги предводи најдобрите фудбалерки на САД.
Со Андоновски (43) телефонски поразговаравме по неговото враќање во Канзас сити од Њујорк каде што во понеделникот официјално беше промовиран за селектор на репрезентацијата на САД.

– Очекувањата се големи, тоа никој не требаше да ми го нагласи, а тоа е да се игра на високо ниво, да се одбрани титулата на следното Светското првенство во 2023 година, во меѓувреме да се квалификуваме на завршниот турнир на Летните олимписки игри во 2020 година во Токио и да освоиме медал. Знам дека ме чека обемна работа, но нималку не се плашам од обврските, напротив – вели Андоновски.
Тој ја заврши двегодишната соработка со Реин во Сиетл, и во наредните години ќе патува на релација Канзас сити, каде што живее со семејството, и Чикаго, седиштето на Американската фудбалска асоцијација (УССФ).

Во почетокот на ноември, на 7-ми и на 10-ти, Андоновски и селекцијата на САД ја очекуваат два контролни натпревари, со Шведска и со Костарика, а потоа за декември е закажан тренинг-кампот за проверка на нови, млади и талентирани фудбалерки.
– На тој камп (во САД ги има неколку, во Канзас сити, во Лос Анџелес итн – н.з.) треба да се појават фудбалерки што настапуваат во Европа, но и некои од колеџите ширум САД. Сакам да имам увид во сѐ што е квалитет и потенцијал. Не станува збор за некакво подмладување на репрезентацијата, тие што ќе ги задоволат критериумите ќе добијат шанса да играат, квалитетот е најбитен, возраста е во втор план. Главната работа ќе ни претстои кон крајот на јануари и почетокот на февруари 2020-та кога се квалификациските мечеви против Канада и против Мексико за пласман на ЛОИ 2020. Потоа во Токио ќе треба да се поправа впечатокот од ЛОИ 2016, кога САД беа елиминирани уште во четврт-финалето (од Шведска, на пенали – н.з.) и да се атакува на медал – вели Андоновски.

Андоновски двапати е прогласуван за тренер на годината во американската женска лига, во 2013-та кога беше на чело во Канзас сити и пред неколку дена како кормилар на Реин за 2019-та. Тој е еден од ретките македонски тренери што биле ангажирани за селектори во странство (според наши податоци 14-ти), а прв што застанува на чело на актуелен светски првак. Андоновски е десетти селектор на женската селекција на САД, петти од странство. САД е најтрофејната репрезентација (како Бразил во фудбалот за мажи), со по четири светски титули и олимписки злата, згора и по две сребра од тие натпреварувања, како и осум континентални трофеи.


Од секој тренер сум научил по нешто

За тоа кои тренери најмногу влијаеле на него и од кои учел и ги почитува, новиот селектор на женската фудбалска репрезентација на САД, Влатко Андоновски, издвојува двајца. Тоа се Холанѓанецот Вим ван Звам (63), своевремено селектор на младата репрезентација на Холандија (за фудбалери до 21 година), директор за пролиценци во Холандија, повеќегодишен инструктор на тренери за сите категории во Американскиот фудбалски сојуз (УССФ), и Аргентинецот Марсело Биелса (64), сега менаџер на англискиот Лидс, кој настапува во дивизијата Чемпионшип и чиј член е македонскиот репрезентативец, Езџан Алиоски.
– Од секој тренер сум научил по нешто, од многумина и може да се учи, за пристапот, методологијата и потоа тоа да си го приспособувате во дадени моменти. Јас имам одлично искуство од соработката со Ван Звам, од неговите предавања и семинари. Биелса ме фасцинира поради методичноста во работата, инсистирањето на детали, тој ништо не препушта на случајот – вели Андоновски.


Шах за релаксација

Влатко Андоновски рече дека е пријатно изненаден од позитивните реакции во родната Македонија по стапувањето на селекторската функција во женската репрезентација на САД, и од многубројните јавувања и честитки од пријателите и од колегите со желби за успешна работа.
Што се однесува до работите надвор од фудбалот, кој му е главна преокупација, Влатко Андоновски, новиот селектор на женската фудбалска репрезентација на САД, актуелни светски првенки, вели дека слободното време најчесто го поминува со семејството, со сопругата и со трите деца, и играјќи шах со пријателите за релаксација.

[email protected]