Челичарниците стравуваат, власта смирува

94
Фото: Дарко Андоновски

Владата ќе организира средба со засегнатите компании за челични производи, најдоцна до 20 јануари следната година, заради усогласување на решенијата од воведувањето на заштитните мерки за увоз на одредени челични производи од страна на ЕУ

Заштитните мерки за увоз на одредени челични производи во ЕУ, по истекот на привремените мерки во почетокот на февруари идната година, внесуваат сериозна загриженост кај металуршкиот сектор. Мерките од Брисел веќе го погодија теренот во Македонија. Штетите ќе бидат и поголеми од 100 милиони евра. Владата не губи надеж дека ќе излобира поволно решение.
Премиерот Зоран Заев нагласи дека одлуката на Европската Унија за воведување квоти за увоз на челик не треба да биде демотивирачка за домашните компании и додаде дека треба да продолжат со своите планови за 2019 година, а дека решенија секогаш може да се најдат.

– Фокусот на Владата останува комплетно насочен кон поддршка на овие компании и навистина не е потребна посебна паника. Станува збор за просекот од трите последни години, зголемен за 5 отсто. Проблемот е што сега е квота и компаниите генерално се плашат една од друга некој да не го зафати делот и на другите компании, но и ние тука може да менаџираме. И секако, им стоиме на располагање, да им бидеме сервис.

Имаме и дополнителна квота, таа глобалната, која доколку која било земја не ја искористи, ние да можеме дополнително да ја искористиме. Проблемот е што преку квотите не може да се исполнат оние амбициозни планови што се направени од страна на компаниите, а кои се многу поголеми од просекот од трите претходни години – појаснува Заев.

Како што вели тој, будно ќе ја следат ситуацијата и остануваат со поддршка на компаниите и со намера да бидат охрабрени и да продолжат со имплементација на своите планови за 2019 година.

Од Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија велат дека ваквите ограничувања на увозот во ЕУ, во отсуство на други алтернативни решенија, создаваат сериозни проблеми пред договарањето на комерцијалните зделки на подолг рок, ги доведуваат во прашање почнатите и предвидените инвестициски вложувања и може да предизвикаат одредени проблеми со ангажираноста на вработените лица.

– Но овие проблеми нема да застанат само тука, може да се очекува тие да се прошират и кај другите поврзани компании во синџирот на снабдувањето, со што негативните последици повеќекратно ќе се мултиплицираат – сметаат од здружението.

Оттаму додаваат дека производителите на челични цевки, за кои се предвидени национални квоти, 2018 година ќе ја завршат со пласман на 180.000 тони во ЕУ, а од следната година ќе имаат квота од 110.000 тони, што би претставувало намалување на приходите за приближно 45 милиони евра.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, бизнисот не е сам во оваа битка. Активно е ангажирана и Владата, која смета дека има шанси да се амортизира ударот.
– Ние го следиме целиот процес и сакаме да помогнеме. Иако целиот процес го води Министерството за економија, очекуваме дека тоа нема да биде негативно за нас. Тоа не е завршен процес, постои уште простор тимот што е предводен од Министерството за економија да се избори за поволности што ќе бидат добри за македонската економија – истакна Тевдовски.

Секретаријатот за европски прашања доби задолжување од Владата да подготви барање за консултации со Европската комисија по најавата од Унијата за воведување квоти за производи од челик и алуминиум од Македонија. Барањето треба да го подготви Секретаријатот, во координација со Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Царинската управа и Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.

– Владата го задолжи Секретаријатот да организира средба со засегнатите компании за челични производи, најдоцна до 20 јануари следната година, заради усогласување на решенијата од воведувањето на заштитните мерки – соопшти Владата.