Црна слика за идните пензионери

692

Само две илјади лица во Босна и Херцеговина уплатуваат самостојно за пензиско осигурување. Податоците на Федералниот завод за пензиско и инвалидско осигурување покажуваат дека на 300 регистрирани лица, само едно уплатува за стекнување право на идна пензија. Состојбата во Република Српска е уште полоша и во овој ентитет само 800 невработени лица самостојно уплатуваат пензиски придонеси.

Доколку се задржи ваков низок процент на неплаќање, БиХ ќе се најде во тешка социјална положба во наредните години. Во земјата ќе има илјадници граѓани што ќе бидат социјални случаи, затоа што не засновале редовен работен однос, а и немале можност сами да ги плаќаат придонесите за пензиско осигурување.
Како причина се наведуваат и ниската свест и отсуството на едукација за придобивките од уплаќањето во пензискиот фонд. Но главниот фактор е слабата материјална состојба на граѓаните во БиХ. За многумина работници на црно месечните придонеси во износ од 230 конвертабилни марки (околу 115 евра) е превисока обврска. Од Заводот за ПИО велат дека основицата за стекнување со доброволна пензија се користи просечната плата во земјата.

– Сѐ поголем е бројот на лицата што го докупуваат стажот за да можат да се пензионираат. Многумината се поранешни работници на фирмите што функционираа до војната, а затоа и имаат прекин во стажот – велат од Сојузот на самостојни синдикати на БиХ.

Секое невработено лице по дваесет години ќе има право на пензија. Според законот, право на старосна пензија има осигуреникот што наполнил 65 години живот и најмалку 15 години стаж за жени, односно најмалку 20 години стаж за мажи, или кога ќе се оствари 40 години стаж без разлика на возраста.


Мостар прифатен центар на поранешните борци

Во центарот за мигранти во Мостар може да се сместуваат и семејствата на припадниците на терористичката организација од Исламската држава, кои се враќаат по завршувањето на војната во Сирија и Ирак.
– Ако нема друго место за нивен престој, можно е тие да бидат сместени во центарот Салаковац, кој е во северниот дел на Мостар – изјави Семиха Боровац, министерката за човекови права во Босна и Херцеговина.
Според информациите на медиумите, на подрачјето на Сирија во овој момент престојуваат околу 300 лица со потекло од Босна и Херцеговина, а меѓу нив двесте се деца.
Властите на БиХ располагаат со податоци дека во логорите во Сирија има најмалку 50 мажи што се бореле во различни организации, а има и неколку жени.