Цикада – бубачка убиeц на риби

2031

Оваа мамка е замислена како копија на инсектот, т.е. оловниот дел го претставува телото на инсектот, а лимот се крилјата што создаваат големи вибрации и на тој начин ја имитираат живата цикада

Цикадата е голема бубачка, па затоа не е ни чудно што ја напаѓаат многу видови риби, како што се кленот, штуката, сомот, смуѓот, кострежот, па дури и пастрмката, така што слободно може да се рече дека таа е крајно универзална мамка. Цикадата има ширум поставени испакнати очи, кратки антени на главата и мембранозни предни крилца. Постојат два вида цикада: годишна, која се појавува секое лето во крошните на дрвјата, и периодична цикада, која се појавува на секои 13-17 години (во зависност од местото) и тогаш ја има во милиони. Денес се смета дека во светот има повеќе од 1.300 вида цикади, од кои многу остануваат неопишани. Ако некој риболовец најде цикада на некоја гранка, може слободно да ја фати, бидејќи иако е голем инсект, сепак, таа не каса.

Ако е жива, може да се користи како мамка на површината, бидејќи таа со своите крилца создава посебен звук и вибрации што ги привлекуваат рибите. Ако е мртва, таа полека тоне во водата. Оваа мамка е замислена како копија на инсектот, т.е. оловниот дел го претставува телото на инсектот, а лимот се крилјата, кои создаваат големи вибрации и на тој начин ја имитираат живата цикада. Се произведуваат во различни дизајни и големини. Обично имаат по две трокуки и по неколку отвори за закачување, во зависност од брзината со која риболовецот ќе влече со трската, за да создаде помали или поголеми вибрации. Како фактор за успех на оваа вештачка мамка се дупките, кои се наоѓаат на врвот на грбот и служат за засилување на вибрацијата.

Со помош на шнола, риболовецот ги користи тие дупки како потенциометар за јачината на вибрациите, во зависност од тоа колку треба и колку сака да ја провоцира рибата. Тежината и начинот на ловење со овој вид мамка зависат од водата. Во зависност од грамажата и од големината, нејзиното метално тело дозволува лесно да тоне во водата. Најголем успех има во длабоките езера и во брзите води, а во поголемите реки и брзаци е неприкосновен ривал на сите воблери (лажливи имитатори на риби), оти ја користат потисната сила на водата и создаваат перфектна вибрација во горните слоеви.

Друг начин на водење на оваа мамка е да се спушти до самото дно и периодично да се забрзува и забавува, со што риболовецот добива цикцак-правец на движење и пребарување на сите слоеви на дното. Единствен недостиг кај цикадите е што се премногу осетливи на подрачја каде што има ситна вегетација или езера и води со многу густа „шума“ во водата, бидејќи освен што ја забавуваат вибрацијата, тие можат и целосно да ја закочат мамката. Исто така, при нејзино зафрлање се случува трокуките да се заплеткаат меѓу себе и да има „мртва“ вибрација на трската и во тој случај риболовецот ја вади и ја отплеткува.


Се произведува и во Македонија

Цикадата е позната мамка и на македонските простори, каде што и се произведува. Македонската цикада повеќе личи на оригиналната американска цикада, а производителите од Србија практикуваат да стават бои и дезени што се користат кај воблерите. Таквите цикади работат со големи вибрации.