Цел – со две победи да се завери пласманот во плејофот

45
Игор Ангеловски

Македонија е фаворит во дуелите со Лихтенштајн и со Гибралтар и се надевам дека ќе ја оправдаме таа улога и со две победи ќе ја завршиме кампањата во групната фаза на ЛН, вели селекторот Игор Ангеловски

Најдобрите фудбалери на Македонија, в недела ќе се соберат во Фрајнбург, Швајцарија на мини-подготовките за дуелот против Лихтенштајн (16 ноември, во Вадуц), претпоследен во групата 4, лига Д, во Лигата на нациите (ЛН). На списокот на селекторот Игор Ангеловски за тој натпревар, но и за последниот дуел во групната фаза, против Гибралтар, на 19 ноември во Скопје, се наоѓаат 21 фудбалер. Ново име е Крсте Велкоски (Сараево, БиХ) бидејќи Езџан Алиоски и Елиф Елмас немаат право на настап против Лихтенштајн. Бил планиран и Бесарт Ибраими, но отпаднал поради повреда.

– Македонија е фаворит и се надевам дека ќе ја оправдаме таа улога и со две победи ќе ја завршиме кампањата во групната фаза на ЛН. Лихтенштајн ни е добро познат, одигравме и во минатиот квалификациски циклус за СП 2018. Поразот од Ерменија не ја разниша добрата атмосфера во репрезентацијата, три години сме заедно, хомогеноста не се менува прекуноќ. Имаше оправдани критики за нив и за мене, но тоа е дел од работата, извлековме поуки и мислам дека такви грешки нема да ни се повторат. Причините за поразот беа индивидуални грешки, но имаше и ситуации кога можевме подобро да реагираме, плус и судијата во некои клучни мигови донесе одлуки на наша штета. Но, треба да се признае дека најголеми виновници за поразот сме ние самите – рече на средбата со новинарите Ангеловски, кој потврди дека Столе Димитриевски и покрај многуте грешки на мечот со Ерменија повторно ќе биде на голот.

Селекторот, кој очекува победи на претстојните два меча, вели и дека оваа селекција е способна за поголеми дострели.

– По освојувањето на првото место и пласманот во лигата Ц што ни се на дофат, следна цел ќе ни биде настап на ЕП, не е битно дали тоа ќе биде преку плејофот или преку регуларните квалификации в година. Македонија има квалитетна репрезентација и затоа сметам дека треба да ја поставиме летвичката повисоко, треба така да размислуваме, од нив и од мене да се очекува настап на ЕП – вели Ангеловски.

Македонија на минатите четири меча забележа три победи, над Гибралтар (2-0), Ерменија (2-0) и над Лихтенштајн (4-0) и еден пораз, од Ерменија (0-4) и е на првата позиција во групата, која води во повисок ранг, во лигата Ц. Освојувањето на првото место води и во плејофот во март 2020-та, во разигрувањето за место на финалниот турнир на ЕП 2020.


Состав на Македонија
ГОЛМАНИ: Столе Димитриевски (Рајо Валјекано), Дамјан Шишковски (Лахти), Дејан Илиев (Арсенал).
ОДБРАНА: Висар Муслиу (Шкендија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кире Ристевски (Ујпешт), Мите Цикарски (Јанина), Кристијан Тошевски (Вардар), Ѓоко Зајков (Шарлроа).
СРЕДЕН РЕД: Аријан Адеми (Динамо З.), Енис Барди (Леванте), Стефан Спировски (Ференцварош), Бобан Николов (Види), Езџан Алиоски (Лидс), Ферхан Хасани (Ал Раед), Елиф Елмас (Фенербахче).
НАПАД: Горан Пандев (Џенова), Илија Несторовски (Палермо), Александар Трајковски (Палермо), Иван Тричковски (Ларнака), Крсте Велковски (Сараево).