Царината електронски ќе ја определува вредноста на увезените половни возила

484

Вредноста на увезените половни возила од вчера во Царината ќе се пресметува електронски. Електронски систем што од вчера е пуштен во работа ќе ја определува врз основа на внесување на бројот на шасијата на возилото.
Ова го соопшти директорот на Царинската управа на Република Македонија, Ѓоко Танасоски.

– Со ова електронско определување на вредноста на моторното возило се овозможува транспарентност и она на што се жалеше деловната заедница – субјективизмот при определување на цената на возилата што се царинат, така што на овој начин ќе добиеме реална цена што нема да подлежи на субјективизам – нагласи Танасоски.
Појаснува дека царинската постапка го задржува сегашниот тек со таа промена што вредноста ќе се определува врз основа на внесување на бројот на шасијата во електронскиот систем, кој ќе ја исфрли вредноста и затоа, оценува директорот, во тој дел од постапката при самото определување на вредноста на половното возило ќе се избегне каков било субјективизам или можност за корупција.

Тој додаде дека во досегашното решение оставен е простор за субјективизам во определување на вредноста на половното возило во делот што каталогот „Шваке“ дава минимална и максимална цена за царинење на возилото во зависност од дополнителната опрема.
– Со новиот начин на електронско определување нема да има странично влијание врз вредноста на половното возило – истакна Танасоски.
Во однос на увозот на возила во Македонија, од Царината најавија дека се подготвуваат нови закони за акциза и за возила, според кои, возилата нема да подлежат на акциза, но давачките при увозот нема да се променат. Тоа, како што посочија, ќе се должи што со новиот закон за возила ќе имаат данок чија висина ќе зависи од вредноста на возилото, емисијата на јаглероден диоксид и дали е дизел или бензин.

Новите закони, како што објаснија, се подготвуваат поради потребата да се усогласат со законодавството на ЕУ. Законските решенија треба да влезат во владина процедура до крајот на годинава.
Царината во првите пет месеци реализирала наплата на приходи за 4,3 проценти повеќе од планираното за 2018 година и за 10,7 проценти повеќе од 2017 година.
– Со ова се остваруваат прогнозите што ги дадовме и на крајот на претходната година, а и на почетокот на оваа, дека Царинската управа со зголемување на самата дисциплина и на економските оператори, како и на подобрување на самата оперативност и работа на царинските служби, има позитивно влијание врз приходите во буџетот – вели директорот на Царината.