Хрватски изведувачи со перформанси во Скопје

89

Перформанси на Соња Преград, кореографка и изведувачка, и Марко Гутиќ Мижимаков, визуелен уметник и изведувач, од Хрватска, ќе бидат изведени во Отвореното графичко студио (Музејот на градот Скопје) и во „Кино култура“, во организација на „Локомотива“. Вечерва, во 20 часот, во Отвореното графичко студио, Соња Преград ќе го изведе своето дело, перформансот „Карневалски шатор што ’рѓосува во вечерниот ветрец – от/пакување на предметноста“. Перформансот функционира истовремено и во спротивност како перформанс и како изложба. Соња Преград е кореографка, изведувачка и професорка со завршени магистерски студии во Берлин. Нејзините соло-дела и соработки се изведени на фестивали во Германија, Хрватска и во преостанатиот дел од Европа. Од 2007 година таа е една од коосновачите и организаторите на фестивалот „Импроспекции“. Добитничка е на наградата за најдобар женски перформанс и најдобро дело во 2018-та во Хрватска.

Утревечер, во 20 часот, пак, во „Кино култура“, Марко Гутиќ Мижимаков ќе изведе два авторски перформанси: „Друговање“ и „Крузинг д Манифолд, дисориентед“. Тој завршува мастер-програма во Загреб, работи, игра, истражува и експериментира преку видео, 3Д-анимација, перформанс и инсталација. Тој прави разлика помеѓу дигиталното и виртуелното и е вовлечен во теми за и од телото. Негови соработници често се уметници од изведувачките уметности. Работи и живее во Загреб, каде што отвори виртуелен изложбен простор во форма на списание, придружувано од програма на експериментални, ефемерни и хибридни уметнички практики.