Хрватска тргнува на патот за воведување на еврото

122

Од хрватската влада се надеваат дека тоа ќе се случи во 2024 или 2025 година

Хрватска следната недела ја почнува постапката за воведување на еврото како платежно средство, а најоптимистичките прогнози се дека тоа ќе се случи најрано во 2023 година. Премиерот Андреј Пленковиќ наредната недела официјално ќе побара влегување во заедничкиот механизам ЕРМ2, што претставува фаза на чекање за користење на еврото наместо сегашната куна. Од хрватската влада се надеваат дека тоа ќе се случи во 2024 или 2025 година.

Првиот формален чекор е поднесувањето на писмото за намери за воведување на еврото, кое се доставува во Брисел. Но за напуштањето на националната валута, куна, и воведување на европската валута мора да се исполнат неколку сериозни услови. Протоколот ЕРМ2 се смета за претчекалница за еврото, во која земјата-кандидат мора да задоволи пет строги критериуми за да добие зелено светло за воведување на еврото. Тоа се: ниска и контролирана инфлација, стабилен курс на домашната валута во однос на еврото, ниско ниво на јавниот долг, ниски каматни стапки за задолжување на државата и мал буџетски дефицит. По влегување во курсниот механизам, се следи исполнувањето на наведените критериуми во следните две години.

Влегувањето во ЕРМ значи официјален почеток за подготовка за воведување на еврото. Хрватската народна банка со години ја спроведува политиката за одбрана на девизниот курс на куната, која никогаш не слабеела или јакнела во однос на еврото. Силниот извоз, рекордните туристички приливи девизи од туризмот, и користењето пари од европските фондови, ги зголемија девизните резерви на Хрватска, од кои може успешно да се брани стабилниот курс на куната.

Вториот критериум за ниската инфлација, исто така, може да се смета дека е исполнет. Европската комисија инсистира на строги граници на инфлацијата, која не смее да варира повеќе од еден и пол отсто, во споредба со трите најуспешни членки во еврозоната во моментот кога земјата сака да го воведе еврото. Хрватска лани имаше инфлација од еден отсто, што е во рамките на еврозоната.

Во Хрватска се води политика на ниски камати на долговите од државните обврзници. Во моментот на прифаќањето на еврото домашните камати за обврзниците не би смееле да бидат два отсто повисоки во однос на трите најдобри членки во еврозоната. Во овој момент тоа не е исполнето од Хрватска, посебно во делот на каматите за обврзниците издадени во куни на рок од десет години.

Многу поголеми напори хрватската влада треба да посвети на намалување на висината на јавниот долг. За воведување на еврото, е предвидено долгот на државата да биде на ниво од 60 отсто од БДП. Сепак, јавниот долг не мора да биде на ова ниво кога се пристапува кон европската валута, но мора да биде значително намален во последните неколку години за да може да биде во рамките на курсниот механизам. Денес јавниот долг на Хрватска изнесува 74,5 отсто од БДП, што е најниско ниво од 2012 година.

Последниот критериум од Мастрихт предвидува дека земјата-кандидат не смее да има буџетски дефицит поголем од три отсто. Пред четири години Хрватска имаше дефицит повисок од два отсто. Во изминатите две години државната каса е во плус од 0,2 отсто.
По воведувањето на еврото, Хрватска ќе може поповолно да се задолжува кај странските кредитори што се членки на еврозоната. Ова се смета за посигурно задолжување во споредба со земјите што се надвор од еврозоната. Валидниот ризик, што е присутен при задолжувањето во швајцарскиот франк, ќе исчезне. Извозниците нема да губат на курсните разлики во рамките на еврозоната. Но се очекува Хрватска со примената на заедничката монетарна политика да стане и попривлечна земја за надворешните инвеститори.

Тоа што може да се смета за загуба од користењето на еврото, е што Хрватската национална банка нема можност да управува со курсот. Но некои економисти сметаат дека со воведувањето на еврото ќе дојде и до пораст на цените на домашниот пазар.