Хрватска ги присвои имотите на поранешни фирми од СФРЈ

176

Според процените, имотот на српските правни субјекти во Хрватска изнесува околу две милијарди евра

Хрватскиот парламент ги усвои измените и дополнувањата на Законот за управување со државниот имот, со кој ќе се овозможи користење на недвижностите што се предмет на незавршени правни спорови. Овој закон предизвика големо незадоволство во Србија и во Босна и Херцеговина, затоа што со него ќе бидат опфатени и имотите на правните лица од другите републики на поранешна СФРЈ и тие може да им бидат предадени на трети лица на управување во период од 30 години, пишува „Вечерње новости“.
Претставникот на Сојузот на Србите во регионот, Миодраг Линта, измените на текстот на Законот за располагање на државниот имот го смета за завршен чин во одземањето на имотите на српските претпријатија. Тој ја обвини Хрватска дека ја крши Спогодбата за сукцесија и ја повика Србија да реагира така што ќе испрати елаборат до Европската комисија, до Европскиот парламент и до Советот на Европа и на тој начин да ја запознае меѓународната јавност за кршењето на човековите права во Хрватска.
– Ова е конечната фаза од грабежот на српските претпријатија, фабрики и други институции. Процесот трае 27 години и тоа се прави така што сопственикот на некоја недвижност се прогласува за државен непријател и се продава на членови на владејачката ХДЗ – изјави Линта.

Одредени фирми во Србија, кои ги поминаа сите судски инстанци во Хрватска, сега се жалат до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Хрватските власти за да го спречат евентуалното носење поволни пресуди од Европскиот суд го носат овој скандалозен антиевропски закон, пишува „Вечерње новости“.
Со наведениот закон Хрватска ја крши Спогодбата за сукцесија, но и сопствениот устав. Во Спогодбата за сукцесија јасно е наведено дека на сите граѓани и правни субјекти мора да им се вратат сопственичките права стекнати на 31.12.1990 година, а сите договори направени под притисок и закани мора да бидат прогласени за ништовни. Хрватска од 2004 година одбива да го врати српскиот имот, смета Линта.
Според процените, имотот на српските правни субјекти во Хрватска изнесува околу две милијарди евра. Оваа сума се однесува на 40.000 предмети за одземени станарски права, 50.000 за стара и неисплатена динарска и девизна заштеда и на 800 илјади катастарски парцели.

Слични реакции имаше и од Босна и Херцеговина, од каде што се најавени голем број чекори за заштита на нивните сопственички права. Мирко Шаровиќ, министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, изјави дека ова е лошо решение за граѓаните што се носители на сопственост на недвижности во Хрватска.
Фадил Новалиќ, премиерот на БиХ, изјави дека ќе испрати итна ургенција до Советот на министри во БиХ заради заштита на имотот.
– Второто важно прашање е измена на Законот за приватизација. Направивме голема грешка со тоа што ни беше речено да се избрише од книговодствените книги имотот што го имаат фирмите во странство, со образложение дека за тоа ќе се грижи државата – вели Новалиќ.
Имотот на фирмите од БиХ во Хрватска се проценува на 10 милијарди евра. Меѓу поголемите објекти се Детската болница во Цавтат, вили, хотели и други објекти во Дубровник, Макарска, Шибеник и нафтениот терминал во Плоче.


Газдата им ги вратил кредитите на работниците

Сопственикот на фирмата „Техникс“ од Меѓумурје им позајмил 250.000 куни на своите работници за да ги вратат своите долгови кон банките и да им ги деблокира нивните сметки, а причината за тоа е да ги задржи работниците да не заминат од Хрватска.
– Работниците овде имаат свои семејства, тука им се и пријателите и сигурно им е подобро да останат овде отколку за заминат во Германија – изјави сопственикот Ѓуро Хорват.
Хрватска се соочува со хроничен недостиг од работна сила и токму затоа во „Техникс“ задржувањето на работниците им е голем предизвик. Оваа фирма изградила нова фабрика во која се ангажирани 30 работници, а до крајот на годината им се потребни уште сто. Таа се занимава со проектирање, производство и одржување типски машини за индустриска рециклажа на комунален отпад.
– Просекот на платата е 1.200 евра, а најмалата плата во оваа еко-фабрика ќе изнесува 1.000 евра. Имаме 20 повратници од странство што работеле во Германија – вели сопственикот.